X
 06.09.2016 Наука

Црни прогнози на научниците - пред нас е голем предизвик

Зголемувањето на температурата на океаните е “најголемиот предизвик на нашата генерација”, која предизвикува промени во конституцијата на морските видови, ги намалува риболовните подрачја и предизвикува ширење на болести - стои во досега најобемната анализа за загревањето на океаните за која јавува лондонски Гардијан.

Океаните веќе имаат апсорбирано огромна количина на топлина заради зголемената емисија на стакленички гасови, а тоа има влијание врз речиси сите морски видови, од микроби до китови - се вели во извештајот на Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN) на кого работеа 80 научници од 12 држави во светот.

“Тоа за што сведочиме денес веќе е надвор од нашата моќ на влијание. Севкупната слика за иднината е прилично црна. Најверојатно и самите не сме свесни за нашето севкупно влијание врз океаните. Едноставно недоволно го вреднуваме нивното значење за нас” - изјавува Ден Лафоли, еден од главните автори на извештајот.

Површинскиот слој на океаните со дебелина од неколку  метри ја зголеми температурата за 0,13 степени Целзиусови од почетокот на 20 век,  а проценката е дека до крајот на 21 век температурата ќе се зголеми за дополнителни 1-4 степени.

Океаните ги апсорбирале 90 % од вишокот топлина што се создава од човечката активност. Доколку истата количина на топлина што е апсорбирана во океаните завршеше во атмосферата, површината на Земјата во минатото столетие би се загреала за фрапантни дополнителни 36 степени.

Дополнително во извештајот се нотира дека затоплената вода во океаните би можела да “разбуди”  милијарди тони замрзнат метан што се наоѓа на морското дно, а неговото ослободување во атмосферата би резултирало во “спржување” на Земјината површина. Глобалното затоплување веќе го менува однесувањето на животинските видови и води кон нивна миграција кон поладните слоеви лоцирани околу половите.

Во овој извештај се препорачува проширување на заштитените океански подрачја и намалување на емисијата на штетни гасови, кои доколку не се намалат ќе бидат причина за зголемување на бројот на урагани со разорна моќ заради зголемената енергија во океаните и атмосферата.

“Единствениот начин да ја зачуваме разноличноста на морскиот живот и заштитничкиот капацитет на океаните е што побрзо и поефикасно да ја намалиме емисијата на стакленичките гасови во атмосферата” - истакнува директорката на ИУЦН.

Арктик
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука