Изминативе неколку години сè повеќе се зборува за недостигот на работна сила во Македонија, на што укажуваат голем број работодавци, особено оние што ги прошируваат своите бизниси или, пак, воведуваат нови технологии. Имено, двојната (дигиталната и зелена) транзиција ја нагласува потребата од напредни вештини и компетенции што се неопходни за постигнување поголема конкурентност. Но, дури и компаниите со помала продуктивност имаат тешкотии во наоѓањето на потребниот број работници или, пак, се соочуваат со значителна флуктуација на работната сила, што негативно се одразува врз нивните перформанси. За решавање на овој проблем, некои работодавци прибегнуваат кон увоз на работници од странство, но оваа стратегија засега не претставува сигурно и трајно решение.
Но, дали навистина во Македонија има недостиг на работна сила? За да се одговори на ова прашање, потребно е да се анализираат индикаторите за македонскиот пазар на труд. За да се добие претстава за состојбата на пазарот на труд, овие индикатори ќе бидат споредени со просекот на ЕУ земен како референтна вредност. Имено, Македонија, како и целиот регион на Западен Балкан, се карактеризира со релативно ниска стапка на активност која во 2024 година изнесуваше 66 %. Стапката на активност е особено ниска кај жените, како и кај младата популација. За споредба, просечната стапка на активност во ЕУ за истиот период изнесуваше 75,8 %, што е скоро за десет процентни поени повисока од онаа кај нас. Изразено во апсолутен износ, за надминување на оваа разлика во однос на просекот на ЕУ, би било потребно дополнително активирање на околу 116.000 неактивно население. Освен тоа, стапката на невработеност во Македонија е сѐ уште двоцифрена и повеќе од двојно повисока во споредба со просекот во ЕУ. За илустрација, во 2024 година стапката на невработеност во Македонија изнесуваше 12,5 %, додека просечната стапка на невработеност во ЕУ за истиот период изнесуваше 5,9 %. Од оваа перспектива, може да се заклучи дека резервоарот на неангажирана работна сила во Македонија не е мал и споредено со просекот на ЕУ сѐ уште значителен дел од трудовиот потенцијал е неискористен.
Одлуката да се работи или да се биде активен во крајна инстанција е одлука како да се потроши времето. Еден начин да се користи расположливото време е да се потроши на активности за релаксација. Друг важен начин на кој луѓето го користат времето е да се работи за плата. Алтернативно, времето може да се троши вршејќи производство за домаќинството, како што е, на пример, грижа за децата, градење, одгледување градинарски култури и сл. Работењето за плата и ангажирањето во производство за домаќинството спаѓаат во иста категорија бидејќи претставуваат два начина за создавање приходи во домаќинството. Врз основа на тоа се определува индивидуална плата на воздржување, која зависи од вредноста на релаксацијата или т.н. непазарно време. Платата на воздржување се дефинира како плата под која едно лице преферира да не работи. Поединците имаат различни плати на воздржување што зависи од нивните преференции за релаксација, степенот на образование, како и пристапот до непазарни приходи кои можат да бидат од различна природа. Врз основа на тоа може да се изведе агрегатната понуда на труд изразена како број на работни часови, што зависи од бројот на лица што сакаат да работат за дадена пазарна цена на трудот (плата) и просечниот број работни часови по лице.
Ниската стапка на активност во Македонија во голема мера се должи на релативно високата плата на воздржување кај голем дел од популацијата на работоспособна возраст, што е повеќе од онаа што можат да ја исплатат голем број македонски компании. Тоа се должи на постоењето алтернативни механизми на приспособување на македонскиот пазар на труд кои се појавија во текот на долгиот период на транзиција во отсуство на можности за формално вработување. Тука спаѓаат вработување во неформален сектор и привремената емиграција во комбинација со искористување социјални трансфери. Овие алтернативни механизми овозможуваат ублажување на социо-економските последици од долготрајната невработеност со која се соочуваше македонската економија, како и остварување дополнителни приходи за обезбедување минимална егзистенција.
Неформалниот сектор особено зеде замав на почетокот од транзицијата, и покрај неговото континуирано намалување, тој сѐ уште игра голема улога во обезбедувањето дополнителни приходи на домаќинствата. Така, на пример, неформалниот сектор во 2024 година апсорбирал околу 85.000 работници, што претставува значаен контингент. Во поново време со развојот на гиг економијата и работењето преку онлајн платформи, неформалната економија добива нов и многу пософистициран облик, што укажува на нејзината голема флексибилност. Емиграцијата во странство, исто така, обезбедува привремено или трајно решение во обезбедување на потребните приходи на домаќинствата. За тоа зборува и фактот што дознаките од странство кои ги испраќаат нашите иселеници претставуваат значаен износ од БДП во обезбедување задоволителен животен стандард и намалување на ризикот од сиромаштија. Така, на пример, вкупниот износ на девизни дознаки во 2024 година надминал 2 милијарди евра, од кои 330 милиони се трансфери преку банки или сервиси за брз пренос, додека 1,68 милијарди се внесени како готовина што потоа се разменуваат во менувачници. Ако кон ова се додадат и многубројните можности за користење бенефиции од системот на социјална заштита, станува јасно дека за голем број лица е поисплатливо да останат декларативно неактивни или невработени отколку да се вклучат во работната сила или да станат формално вработени според пазарната цена на трудот.
На страната на побарувачката за труд треба да истакнеме дека продуктивноста на трудот влијае врз различни засегнати страни како што се работниците, компаниите и владата. За работниците, зголемената продуктивност може да се претвори во повисоки плати и зголемен животен стандард, додека на долг рок би довело до создавање работни места и помал ризик од невработеност. За бизнисите, зголемената продуктивност носи поголем профит, поголема конкурентност и можност за повеќе инвестиции. За владата, зголемената продуктивност резултира со повисоки даночни приходи и подобро обезбедување јавни добра и услуги. Македонските компании генерално се соочуваат со ниска агрегатна продуктивност на трудот во споредба со економски поразвиените земји. Сепак, неколку индустрии прават исклучок и се карактеризираат со повисоки нивоа на продуктивност на трудот. Тоа се: снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; рударство и вадење камен; финансиски и осигурителни дејности и информации и комуникации. Спротивно на тоа, многу пониска продуктивност на трудот се забележува во земјоделството, градежништвото и голем број гранки од преработувачката индустрија, кои воедно апсорбираат најголем број од работната сила. Покрај тоа, емпириските сознанија покажуваат дека повисокото ниво на капитална опременост на трудот (технологија), повисоките плати, доброто работно искуство и договорите базирани на задачи што се карактеристични за гиг економијата, се најрелевантните фактори што влијаат врз продуктивноста на трудот на ниво на индустриска гранка.
Врз основа на ова, може да се заклучи дека македонскиот пазар на труд се наоѓа во субоптимален еквилибриум, односно состојба на ниска искористеност на трудовите ресурси, што не генерира забрзан економски раст. Истовремено, постои недоволна понуда, како од аспект на бројност така и од аспект на квалитет на човечки капитал. На тоа укажуваат и показателите дека околу 60 % од невработените се долгорочно невработени, а 26 % се со основно или помалку од основно образование. На страна на побарувачката за труд, голем број компании имаат слаб развоен потенцијал кој се должи на ниската технолошка опременост, недоволните организациски капацитети и слабиот иновациски потенцијал. Како резултат на тоа, ретки се компаниите кои се конкурентни на глобален план, што е особено карактеристично за трудоинтензивните дејности кои апсорбираат најголем број работници. За да се надмине ваквата состојба и да се овозможат предуслови за побрз економски раст, неопходно е преземање симултани мерки на страната на понудата и побарувачката за труд.
За подобрување на квалитетот на човечкиот капитал во Македонија, неопходни се континуирани реформи во сите нивоа на образование. Особен акцент треба да се стави врз средното стручно образование кое, заедно со високото образование, треба да биде генератор на напредни вештини и компетенции кои се релевантни во конкретниот економски контекст. Во тој поглед препорачливо е да се користат добрите искуства од напредните економии и нивно приспособување на потребите за дигитална и зелена транзиција. Добри примери за тоа се дуалното образование и креираните регионалните центри за стручно образование и обука, кои во иднина треба да испорачуваат резултати согласно потребите од вештини кои се идентификувани од страна на работодавците. Освен тоа, активните мерки и програми треба да ги таргетираат најранливите категории на население, оспособувајќи ги со потребните вештини кои би ја зголемиле нивната вработливост. Во овој поглед, постојат голем број иновативни форми на соработка со провајдери и јавно-приватни партнерства кои можат да бидат ставени во функција на локалниот економски развој.
Политиките што имаат цел да ја подобрат продуктивноста на трудот во Македонија треба да бидат фокусирани на инвестирање во напредни технологии базирани на автоматизација, роботизација, а во поново време и сѐ понагласена примена на вештачка интелигенција. Во овој контекст, инвестирањето во високотехнолошка, информатичка и комуникациска технологија се чини како успешна стратегија за подобрување на продуктивноста на трудот кај работната сила. Идните владини мерки за поттикнување на продуктивноста треба да се справат со два главни предизвици: иновации и човечки капитал. Првиот предизвик главно се решава преку фондови за иновации, технолошки паркови и бизнис-инкубатори, додека вториот предизвик претпоставува проекти чија цел е преквалификација на човечките ресурси. Освен тоа, постои потреба од подготовка на национална рамка за координација помеѓу државните институции, образовниот систем и приватниот сектор, каде што можностите за раст стратешки би се оценувале и би се дејствувало во насока за нивна реализација.
Автор: проф. д-р Димитар Николоски, Економски факултет - Прилеп, УКЛО