X
 24.06.2025 Живот

Зошто во ова село не смее да се влезе по зајдисонце?

Индија е земја на приказни. Во неа има милиони народни легенди и митови, и голем дел од нив сè уште имаат верници. Едно од најмистериозните места во оваа земја е тврдината Бхангар, за која се вели дека е населена со духови. Таа е заштитен споменик под надзор на Археолошкиот институт на Индија, што воедно е и причината поради која престојот во ноќните часови е забранет.

Според чуварите, духови нема. Сепак, по зајдисонце во тврдината понекогаш влегуваат оние што сакаат лично да се уверат како изгледа ова место, и покрај тоа што влезот е забранет. Своите доживувања често ги споделуваат на форуми и блогови тврдејќи дека чуварите ги пуштиле во замена за мито. За влез навечер, потребна е посебна дозвола од индиските власти.

1
Фото: Wikipedia

Ако патот ве однесе во овој дел на Индија, Бхангар се наоѓа на 78 километри од Џајпур. Може да изнајмите такси. Тврдината се наоѓа помеѓу Џајпур и Алвар, во индиската сојузна држава Раџастан. Иако е во урнатини, и натаму плени со својата убавина, а мирното и зелено опкружување и напуштените остатоци сведочат за некогашното величествено кралство кое го изградил Мадхо Синг, помладиот брат на познатиот генерал Ман Синг.

Оние што го посетиле ова место велат дека пејзажот што води до тврдината е пуст и мрачен, и предизвикува чудно чувство, меѓутоа, не и средби со духови. Сепак, локалните приказни зборуваат за исчезнати луѓе и необични гласови што се слушаат од урнатините. Веднаш на влезот посетителите ги пречекува предупредување од Археолошкиот институт на Индија:

„Влегувањето во Бхангар пред изгрејсонце и по зајдисонце е строго забрането.“

2
Фото: Wikipedia

Главниот влез води низ остатоците од стариот град, а внатре, во ѕидините, се наоѓаат остатоци од палати, храмови и напуштени пазари.

Мештаните веруваат дека оние што влегле во тврдината по зајдисонце никогаш не биле пронајдени. Една од легендите зборува за моќен волшебник кој забранил која било куќа во Бхангар да биде повисока од неговата. Ако сенката од некоја зграда паднела на неговиот дом, градот ќе бил уништен. Внукот на Мадхо Синг, Ајаб Синг, го игнорирал тоа предупредување и изградил висока градба. Сенката паднала на куќата на волшебникот и затоа градот исчезнал.

3
Фото: Wikipedia

Друга верзија на легендата е дека волшебникот бил вљубен во принцезата Ратнавати. Еден ден тој го заменил нејзиниот парфем со напиток што требало да ја натера да се заљуби во него. Ратнавати ја открила измамата и го фрлила шишенцето врз камен, кој се стркалал и го усмртил волшебникот. Пред да умре, тој го проколнал целиот град, велејќи дека Бхангар ќе биде уништен и дека повеќе никој нема да може да живее таму.

Извор: 6yka.com
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот