Туристичкиот водич „Лоунли планет“ ја објави својата листа „Најдобри места за патување“ за 2027 година.
Годишниот избор го составува меѓународна заедница од патнички експерти, а е поделен на 25 најдобри дестинации и 25 искуства што вреди да се доживеат.
Меѓу овогодишните препораки се наоѓаат места од сите делови на светот, од Нов Зеланд и Малдивите до Мексико и Индија.
Меѓу европските дестинации, „Лоунли планет“ го издвојува поширокиот регион Венето во Италија. Наместо посетителите да се задржуваат само во Венеција, се препорачува истражување на Доломитите, езерото Гарда, како и градови како Верона и Падова.
Во Шпанија се истакнува Леон, средновековен град на популарната патека „Камино де Сантијаго“, познат по готската архитектура и градбата на Гауди, „Каса Ботинес“.
Фото: Magnific
Љубителите на поладни краишта можат да заминат во Сканер-Фалстербо на југот од Шведска. Двете поврзани гратчиња во покраината Скане се познати како „шведска ривиера“, а нудат плажи, природни резервати и мирен одмор покрај море.
На списокот е и Десау во Германија, град кој е силно поврзан со „Баухаус“ и неговото архитектонско наследство.
Најинтересните искуства за 2027 година
„Лоунли планет“ не избираше само дестинации, туку и искуства што вреди да се резервираат.
За љубителите на пешачењето се препорачува „Патот на Свети Катберт“, историска аџиска маршрута долга околу 100 километри која ги поврзува Шкотска и Северна Англија.
За љубителите на патувања со автомобил тука е „Патот на Наполеон“ во Франција. Маршрутата поминува низ места како Грас, Кастелан и Систерон, а во 2027 година ќе одбележи 95 години постоење.
На море се препорачува пловење околу Липарските Острови во Италија, познати по силно изразениот брег, кристално чистото море и автентичниот италијански амбиент.
Меѓу препораките е и истражувањето на Егејското Море во Грција, каде што може да се запознае богатата поморска историја на таа област.
На листата се најде и хрватскиот град Шибеник, еден од најстарите градови на Јадранот.
„Лоунли планет“ ја истакнува неговата импресивна архитектура, гастрономската понуда и фестивалите што во текот на годината се одржуваат во градот.
За крај, „Лоунли планет“ го издвојува фјордот Килари во Ирска, дел од познатата патека „Дивиот атлантски пат“. Иако целата маршрута по должината на атлантскиот брег има околу 2.600 километри, фјордот Килари се препорачува како едно од местата со најимпресивни предели во земјата.
Извор:
n1info.hr
Фото: Magnific