X
 24.10.2020 Економија

„Старбакс“ користи генијална стратегија за позајмување од своите корисници

„Старбакс“ е попаметна компанија отколку што мислите. Низ годините компанијата многу инвестирала во својата мобилна апликација, а корисниците ја обожаваат. Тие најмногу ги сакаат наградите што се даваат преку апликацијата.

Но зад апликацијата се крие паметна стратегија која „Старбакс“ ја користи за да добие уште поголема вредност од своите корисници. Имено, корисниците претставуваат „позајмувачи“ за „Старбакс“.

Корисниците на апликацијата може да плаќаат во продавниците на „Старбакс“ со апликацијата, но тие треба да имаат ставено пари на нивната „сметка“ во апликацијата. „Старбакс“ го нарекува ова дигитална картичка за „Старбакс“.

Корисниците добиваат ѕвезди секогаш кога плаќаат преку апликацијата, а овие ѕвезди потоа се користат за да се добијат бесплатни пијалаци. Компанијата доделува повеќе ѕвезди кога корисникот ќе плати на овој начин отколку при плаќање со обична картичка.


Фото: Pixabay

Инвеститорот Нил Пател открива дека билансот на „Старбакс“ од однапред платените пијалаци во апликацијата изнесувал 1,4 милијарда долари на крајот од март годинава. Како што објаснува Пател, корисниците толку ја сакаат компанијата, што оставаат депозити во апликацијата за да купуваат кафе во иднина. Со други зборови, „Старбакс“ има пристап до заем без каматни стапки, а тој заем е околу 4% од сите средства што ги поседува компанијата.

Како ова да не е доволно, значаен дел од овие „депозити за кафе“ остануваат неискористени. Дигиталните картички и картичките за подароци на „Старбакс“ немаат датум на истекување, а компанијата направила анализа за да дознае колкав дел од депозитите остануваат неискористени на крајот од годината. Во 2019 г. „Старбакс“ добила 141 милион долари од овие неискористени пари, открива Пател. 

Стратегијата на „Старбакс“ е генијална бидејќи ѝ дава на компанијата пристап до пари и создава дополнителни приходи. Од друга страна, корисниците што редовно ја користат апликацијата се наградени.

Автор: Џастин Барисо
Извор: inc.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија