Во јануари 1915 година кога бродот „Ендуранс“ бил заробен во мразот на Веделовото Море, никој од 28-члениот екипаж не можел да претпостави дека пред нив е речиси двегодишна борба за преживување. Бродот бил напуштен во октомври, потонал во ноември, а преживеаните членови на експедицијата морале да минат низ ледени пустини, отворено море и сурови антарктички услови пред конечно да бидат спасени.
Последните 137 дена од оваа неверојатна приказна ги поминале на Слоновски Остров, непристапно парче земја со стрмни карпи, мраз, силни ветрови и речиси никакви услови за живот.
На околу 250 километри од северниот дел на Антарктичкиот Полуостров се наоѓа Слоновскиот Остров. Името се поврзува со јужните морски слонови што се појавуваат на неговите брегови, а можеби и со обликот на самиот остров. Денес таму нема постојано население, но токму ова непристапно место станало сцена на една од најпознатите приказни за преживување во историјата на поларните истражувања.
Бродот што го проголтал мразот
Во август 1914 година британскиот поларен истражувач Ернест Шеклтон тргнал со „Ендуранс“ во рамките на Империјалната трансантарктичка експедиција, со амбиција да го премине Антарктикот од едната до другата страна.
Но, на 19 јануари 1915 година „Ендуранс“ бил заробен во мразот на Веделовото Море. Бродот повеќе не можел да се движи. Наместо да попушти, мразот постепено почнал да го притиска дрвениот труп.
Екипажот со месеци останал на бродот, а потоа морал да го напушти. На 27 октомври 1915 година Шеклтон наредил сите да излезат на мразот. Речиси еден месец подоцна, на 21 ноември, мразот конечно го скршил „Ендуранс“ и бродот потонал во Веделовото Море.
Луѓето ги имале трите чамци за спасување, но сè уште биле далеку од безбедно копно. Со недели кампувале на морскиот мраз, кој полека се движел кон север. Кога мразот конечно почнал да се распаѓа, тие се качиле во малите чамци и тргнале кон копното.
По опасно патување низ студеното море, на 15 април 1916 година стигнале до Слоновскиот Остров. Но, тоа не било спасение, туку нова етапа од борбата.
Последната надеж била во мал чамец
Првото место каде што се обиделе да се засолнат било изложено на бранови и одрони. Франк Вајлд, заменикот на Шеклтон, пронашол посигурно место на брегот, кое денес е познато како Поинт Вајлд.
Шеклтон знаел дека шансите некој брод случајно да помине покрај Слоновскиот Остров се речиси нула. Единствената реална можност била некој од нив да побара помош.
Затоа решил да тргне по помош со најмалиот и најиздржливиот чамец, „Џејмс Керд“. Со него тргнале уште петмина мажи, меѓу кои и искусниот навигатор Френк Ворсли. Нивната цел била Јужна Џорџија, оддалечена околу 1.300 километри.
Тоа било едно од најопасните патувања во историјата на поларните експедиции. Во мал чамец долг околу 7 метри, шестмина мажи се бореле со огромни бранови, силни ветрови и температури близу до замрзнување.
Во меѓувреме, на Слоновскиот Остров останале 22 мажи. Командата ја презел Вајлд. Тие знаеле дека ќе треба долго да чекаат.
Мажите немале вистинска куќа, ниту шатор што би можел соодветно да ги заштити од антарктичката зима. Затоа од двата преостанати чамци направиле импровизирано засолниште.
Ги превртеле чамците и ги поставиле врз камења, создавајќи ниска колиба во која сите 22 требало да најдат место.
Внатре било студено, влажно и темно. Просторот бил толку ограничен, што условите биле далеку од удобни, но засолништето им давало нешто што на отворениот брег би им било невозможно да го имаат: заштита од ветерот.
За светлина направиле импровизирани ламби од конзерви од сардини. Како фитили користеле парчиња хируршки завои, а горивото го добивале од маснотии.
Снегот постојано се натрупувал околу засолништето, па морале редовно да го расчистуваат. Во текот на долгите зимски денови и ноќи, одржувањето некаква рутина било од огромно значење.
Вајлд инсистирал на дисциплина и секојдневни задачи. Не дозволувал луѓето само да лежат и да чекаат. Секој имал обврски, а тоа им давало чувство дека ситуацијата сè уште е под контрола.
Храна од фоки и пингвини
Резервите што ги донеле од „Ендуранс“ биле ограничени и морале внимателно да се распоредуваат.
Мажите ловеле фоки и пингвини, а ги користеле и преостанатите резерви од експедицијата, меѓу кои имало бисквити и шеќер. Секојдневието било едноставно, но строго организирано. Требало да обезбедат храна, да го одржуваат засолништето и да се грижат за опремата, додека истовремено внимавале да не ги потрошат резервите пребрзо. Вајлд дури наредувал секое утро да се подготват како Шеклтон да може да пристигне токму тој ден.
Тоа можеби изгледало бесмислено, но имало важна цел. Рутината ги спречувала да паднат во очај и им давала чувство дека мора да бидат подготвени за моментот кога спасувањето конечно ќе дојде.
Во меѓувреме, Шеклтон и неговите петмина придружници се бореле за својот живот во „Џејмс Керд“. По 15 дена стигнале до Јужна Џорџија. Но, ни тогаш не биле спасени.
Пристигнале на ненаселената страна на островот, далеку од станицата за китолов. Шеклтон, Ворсли и Том Крил морале пеш да го преминат островот преку планински и леден терен, нешто што дотогаш никој не го направил.
По околу 36 часа стигнале до станицата Стромнес. Биле исцрпени, валкани и речиси непрепознатливи, но успеале.
Шеклтон веднаш почнал да организира спасување на луѓето што ги оставил на Слоновскиот Остров. Спасувањето, сепак, не се случило веднаш. Шеклтон направил три обиди да стигне до Слоновскиот Остров, но морскиот мраз секогаш му го блокирал патот. Секој неуспешен обид значел уште денови неизвесност за луѓето што чекале на островот.
Конечно, на 30 август 1916 година, по 137 дена поминати на Слоновскиот Остров, Шеклтон стигнал со чилеанскиот пароброд „Јелчо“, под команда на капетанот Луис Пардо.
Кога го здогледале бродот, сите 22 мажи биле живи.
Шеклтон дури не морал да ги повикува по име. Ги изброил додека се качувале на бродот. Целата експедиција траела речиси две години. „Ендуранс“ бил изгубен, планот за преминување на Антарктикот не бил реализиран, но најважното било постигнато: сите 28 члена на екипажот преживеале.
„Ендуранс“ повторно откриен по 107 години
Приказната за „Ендуранс“ добила уште едно неверојатно продолжение по повеќе од еден век.
На 5 март 2022 година експедицијата „Ендуран с22“ го открила потонатиот брод на дното на Веделовото Море, на длабочина од околу 3.000 метри. Бродот бил во извонредно добра состојба, со зачувани делови од трупот, јарболите и опремата и сè уште јасно се гледало името „Ендуранс“.
Откривањето било особено необично затоа што „Ендуранс“ лежел на дното повеќе од 100 години, во темнината и студената вода на Веделовото Море. Токму студот, недостигот на светлина и ниското количество кислород помогнале бродот да биде добро сочуван.
Денес „Ендуранс“ е заштитено историско место и не смее да се допира или оштетува.
На Слоновскиот Остров, пак, Поинт Вајлд останува симбол на неверојатното преживување на екипажот. Таму денес стои биста на капетанот Луис Пардо, во знак на сеќавање на човекот кој конечно стигнал до нив.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Wikipedia