X
 24.11.2017 Наука

Експертите предупредуваат: Ноќните светилки се опасни за луѓето и за животните

Популарноста на ЛЕД-светлата се зголеми особено поради тоа што беа наменети за да донесат енергетска револуција. Но, тие со себе носат и последици за луѓето и за животните низ светот, велат научниците.

Истражувачите спровеле студија во која се собрани податоци од сателитско набљудување и откриле дека Земјата во текот на ноќта е посветла поради вештачките светилки. Експертите велат дека тоа е проблем бидејќи ноќните светилки можат да го попречат биоритамот на нашето тело, односно да го нарушат „часовникот“ во нашиот организам и со тоа да предизвикаат поголем ризик за добивање рак, дијабетес или депресија.

Што се однесува до животните, вештачките светилки можат да ги убијат – со тоа што ги привлекуваат инсектите или, пак, можат да предизвикаат дезориентација кај птиците преселници и морските желки. Проблемот не е во самите ЛЕД-светла, кои се поефикасни бидејќи им е потребна помала енергија за да ја произведат истата количина светлина, туку тоа што луѓето инсталираат сè повеќе и повеќе светла.
Истражувачите ги анализирале ноќните светла во текот на октомври за да се избегнат дополнителните празнични светилки. Набљудувањата биле извршени во Јужна Америка, Африка и во Азија. Некои од најсветлите места во светот, како Италија, Холандија, Шпанија и САД, биле релативно стабилни.

Еден од авторите на студијата вели дека податоците откриваат критичен проблем бидејќи многу луѓе користат ноќни светилки, а не ги знаат последиците. Освен што се штетни за природните живеалишта и го прават набљудувањето на ѕвездите речиси невозможно, исто така чинат околу 7 милијарди долари годишно, и тоа за негативно влијание врз дивиот свет, здравјето на луѓето, астрономијата и потрошената енергија.

Во решенијата се вклучени користење светилки со слаб интензитет, исклучување на светилките кога луѓето го напуштаат осветлениот регион и избирање ЛЕД-светилки кои се килибар, наместо сини или виолетови, бидејќи тие се најштетни за животните и за луѓето.
Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука