Моцарт, Ајнштајн, Да Винчи. На прв поглед сосема различни, но сите имале една заедничка работа - секојдневно одвојувале време да не прават ништо.
Тоа не било време за планирање, ниту за размислување, а уште помалку за „креативна работа“. Тоа било време за тишина, за талкање низ мислите. Да Винчи можел со часови да седи пред своите слики гледајќи ги. Ајнштајн се нишал во чамец, препуштен на мислите исто како и на водата.
За ова пишува и неврологот д-р Ненси Андреасен, која со години ги проучувала животите на исклучително креативните луѓе. Нејзиното откритие е едноставно: тие свесно си создавале простор за слободно време без обврски. И токму во тие моменти, кога мозокот лута без притисок и без цел, се раѓаат најкреативните идеи.
Мозокот не мирува за време на одмор
Мозокот тогаш не е исклучен, како што често мислиме. Напротив, тогаш се активира. Се поврзуваат далечни мисли, се создаваат неочекувани врски, се појавуваат решенија кои никогаш не би ги постигнале со свесен напор. Тоа е оној „клик“ што ни доаѓа додека шетаме, идејата што се појавува додека сме под туш, мислата што се оформува додека гледаме низ прозорец. И тоа не е случајност. Тоа е наука.
А денес? Го навикнавме мозокот никогаш да не мирува. Секој слободен момент го претвораме во простор за скролање на телефонот, уште едно известување, уште една порака. А потоа се чудиме зошто немаме идеи, зошто не можеме да стигнеме до решенија, зошто чувствуваме креативна блокада.
- Затоа е важно повторно да научиме да ни биде досадно. Да прошетаме без телефон. Да седиме десет минути во тишина. Да зјапаме низ прозорецот. Да не правиме ништо затоа што токму во тоа ништо често се крие она што го бараме. Бидејќи креативноста не доаѓа кога ја повикуваме. Таа доаѓа кога ѝ оставаме простор да нѐ најде самата. Резервирај си време за слободно размислување. Твојот мозок ќе ти биде благодарен - вели американскиот писател и автор на седум бестселери на „Њујорк тајмс“, Даниел Пинк.
Извор:
Bizlife.rs
Фото: Freepik