„Не мора секогаш да бидеме во ново и во позната марка, убавината може ја имаме во нашиот плакар, само ни треба малку вештина за пренамена“, вели таа.
Лесно е да се фрли старата облека и да се создаде отпад. Но, далеку пополезно е таа да се искористи и пренамени во модно парче кое ќе добие нов живот. Токму тоа го прави младата модна дизајнерка Ирина Тошева, која практикувајќи ја циркуларната економија, создава модели од рециклирана облека, користејќи не само материјали, туку и пластика, стакло, јажиња, камчиња... Создава оригинални дела со длабока социјална и еколошка порака, често пати инспирирана од македонските традиционални техники, везови и мотиви. Таа ги инспирира младите креатори да мислат над границите на масовната потрошувачка.
-Повикувам да гледаме на модата со малку поинакви очи. Јас сето ова го направив во Македонија. Не треба постојано да се жалиме дека не можеме, туку да бидеме креативни и упорни зашто има премногу инспирација околу нас. За жал, во линеарната економија со која живееме денес, купуваме нешто, го носиме, го фрламе и тоа нема никаква вредност. Но, доколку не дозволиме да заврши во канта, ќе биде многу позначајно за нас - вели таа.
Од јажиња, камчиња и стакло создава модни додатоци
Од рециклирани јажиња создаде цели модни додатоци за нејзината последна модна колекција „Џан“. Посветува многу внимание на копчињата, изработувајќи ги од други природни материјали кои добиваат нова употребна вредност.
-За една од минатите колекции соработував со филигранистка. Зедовме камчиња од охридските плажи, ги обложивме со сребро и ги направивме да бидат накит. За манжетните на сакоата користевме стакленца најдени на охридските плажи. Долги години биле во водата и не беа остри, туку имаа интересни форми. Ги издупчивме и станаа прекрасни копченца. Нечие ѓубре стана мое богатство и го разубави мојот модел - вели Тошева.
На модниот форум што се одржа неодамна во Битола, на тема „Мода со втор живот: пренамена, реупотреба и одржливост“, таа посочи пример на облека украсена со мониста што самата ја изработила.
-Пред неколку години за мојата јубилејна колекција бев инспирирана од Јуруците, турска етничка група во Македонија, кои имаат инспиративна облека со многу убави бои. Користев многу мониста, но не од онаа што можев да ја купам на килограм во Бит-пазар. Решив да ја направам на еколошки начин. Неколку месеци собирав пластични шишиња од моето и од други домаќинства, па заедно со уште една ракотворка изработивме мониста, на некој начин ги рециклиравме шишињата - додава дизајнерката.
Ја оживува старата облека од бабите и мајките
Пред четири години го започнала сервисот за пренамена и реупотреба каде што клиентите имаат можност да донесат стара облека која за нив има сентиментално значење и да ја земат пренаменета во ново уникатно парче.
-Една клиентка од Битола ми донесе цела торба со облека што мајка ѝ ја носела кога била млада. Парчињата не беа во стилот на ќерката, но ѝ беа премногу драги. Од нив направивме уникатно здолниште кое таа го носеше на својата уметничка изложба. Друга моја соработничка ми ја даде венчаницата на нејзината мајка од пред 30 години. Ние ја пренаменивме, од еден фустан добивме два, кои таа ги носеше на својата свадба - рече Тошева.
Соработка и со славни личности и со осуденички во Идризово
Нејзините модели ги носат и познати музички имиња на Балканот, со што ја шират идејата за циркуларна економија. За настап на Миа Перевска моделирала сако со додатоци од облека на нејзината баба, па музичкиот настап за пејачката бил преемотивен. Пред две години српската ѕвезда Диди Џеј на Модната недела во Париз носела моден додаток кој Тошева го изработила во соработка со последниот скопски јорганџија.
-Јавните личности можат да ги инспирираат младите дека не мора секогаш да бидат во ново, не мора секогаш да биде од некоја марка, туку убавината може ја имаме во нашиот плакар, само ни треба малку вештина за пренамена - додава таа.
Последнава година е препознатлива и по иницијативата „Made in Idrizovo“ (Направено во Идризово) каде што учи осуденички од отвореното одделение да шијат. Целта е по излегувањето од затвор да можат полесно да најдат работа.
-По апел на социјалните мрежи, граѓаните ни ги донираа своите стари машини и материјали и ние успеавме без финансии да создадеме работилница во рамките на женскиот затвор. Во моментов работам со четвртата група жени кои ги научив како да везат, да шијат чантички, без да користиме нови работи, ние само ги пренаменуваме и создаваме нови производи - вели Тошевска.
Таа поставува нови стандарди во циркуларната економија која во секторот облека во Македонија постои, но сѐ уште е во рана фаза и слабо развиена. Текстилната индустрија е многу значајна стопанска гранка во земјава, околу 10 отсто од извозот и 12 отсто од индустрискиот бруто-домашен производ отпаѓаат на текстилот. Но, циркуларните практики, преку рециклирање и повторна употреба, се ретки, па голем дел од отпадот доаѓа од кроење, дури 25 до 40 отсто од материјалот станува отпад.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.