Велнес-индустријата е полна со совети за тоа како да се намали ризикот од рак, но онколозите предупредуваат дека не постои едно чудесно решение.
- Ракот обично е последица на комбинација од генетика, стареење, начин на живот, изложеност на околината, а понекогаш едноставно и лоша среќа - објаснува д-р Амар Ревари. Сепак, лекарите истакнуваат дека одредени навики можеме да ги контролираме и со тоа да намалиме некои од ризиците.
Имено, онколозите ги советуваат луѓето да престанат да користат стари и оштетени пластични садови за храна.
- Изгребаните или напукнати пластични садови обично се знак дека материјалот почнал да се распаѓа - вели онкологот д-р Тингтинг Тан. Таа додава дека оштетената пластика може да испушта повеќе честички и хемиски соединенија во храната, особено за време на загревањето.
Зошто треба да ги исфрлиме?
Според лекарите, проблемот станува поголем кога таквите садови се користат за подгревање на храната.
- Топлината е еден од најголемите фактори бидејќи може да го засили преносот на хемикалии од пластиката во храната - предупредува д-р Ревари. Тој истакнува дека на долг рок посигурна навика е храната да се подгрева во стаклени или керамички садови.
Онколозите нагласуваат дека нема причина за паника ако некој со години користи пластични садови.
- Многу луѓе веројатно користат заматени пластични садови за складирање и подготовка на храна, а немаат рак - забележува д-р Рошани Пател.
Сепак, лекарите препорачуваат замена на садовите што се напукнати, изгребани или задржуваат непријатни миризби.
Како подобра алтернатива, д-р Тан препорачува стаклени садови, кои ги опишува како свој прв избор за чување и подгревање на храната. Таа ја смета и керамиката за добра опција. Освен тоа, онколозите советуваат да се ограничи внесот на високопреработена и изгорена храна, како и на додаден шеќер.
Исто така, предупредуваат и на алкохолот, за кој истакнуваат дека е познат ризик-фактор за рак. -Многумина се изненадуваат кога ќе слушнат дека алкохолот е познат ризик-фактор за рак и дека не постои научно докажана „безбедна“ количина на консумација - истакнува д-р Тан.
Фото: magnific