Минатиот месец група организации за заштита на потрошувачите побарале од Европската комисија да спроведе истрага за, наводно, неправедните надоместоци за рачен багаж кои ги наплаќаат нискобуџетните авиокомпании. Доплатите за рачен багаж можат да бидат особено фрустрирачки кога не е јасно наведено дека не се вклучени во почетната цена на картата.
Организациите тврделе дека тоа им го отежнува споредувањето на цените и донесувањето разумни финансиски одлуки на потрошувачите. Надоместоците за рачен багаж не се единствените скриени трошоци на кои патниците треба да внимаваат. Финансискиот портал „Трејдингпедија“ направил анализа на многубројните дополнителни надоместоци и даноци што ги наплаќаат европските авиокомпании заедно со авионските карти.
Европска авиокомпанија со најмногу скриени трошоци
Со оглед на тоа што се очекува цените на авионските карти годинава да пораснат за 2,8 отсто, патувањето во странство ќе стане уште поскапо. Иако нискобуџетните превозници можеби изгледаат како поволна опција на прв поглед, новиот извештај покажува дека реалноста е посложена. Овие доплати се откриваат во текот на процесот на резервација.
Сепак, тие ретко се вклучени во промовираните цени или рекламите, што значи дека вистинската цена на летот станува очигледна дури на крајот од купувањето. Според извештајот, „Виз ер“ се наоѓа на врвот на листата со скриени надоместоци, со вкупни дополнителни трошоци од 245 евра за неколку, наводно, опционални, но понекогаш неизбежни услуги.
Во тоа спаѓаат 100 евра за предаден багаж, 10 евра за онлајн резервација и 21,50 евра за чекирање преку интернет или на аеродром.
„Рајан ер“ е на второто место со дополнителни 234 евра на трошоците за карта. Тие наплаќаат и 25 евра за рачен багаж. „Изиџет“ е трет со 213 евра дополнителни трошоци, а потоа е „Вуелинг“ со 179 евра. „Вуелинг“ има и втора највисока цена за предаден багаж, дури 85 евра.
Доплати за бебиња и групни резервации
Иако некои од дополнителните трошоци може да се избегнат, како што е изборот на седиште, во одредени ситуации патниците немаат избор и мора да ги платат овие „опционални“ услуги.
Една од таквите е доплатата за групни резервации и таа изнесува 10,50 евра ако летате со „Виз ер“, но „Изиџет“ наплаќа 25 евра по лице. Ако патувате со бебе (помало од 2 години), не мора да купите карта, но постои задолжителна доплата. Со „Виз ер“ тоа е 32 евра, а со „Изиџет“ 31 евро.
Извор:
Bizlife.rs
Фото: Unsplash