X
 10.03.2025 Живот

Имате право на 600 евра отштета: Адвокат открива што да направите ако вашиот лет доцни или е откажан

Патувањата со авион често носат неочекувани ситуации, како што се доцнења или откажувања на летови. Иако ваквите ситуации се стресни, важно е да ги знаете своите права и можностите за рефундација, компензација или заменски лет.

Адвокатот Иван Андрејиќ објаснува кои се вашите права во случај на откажување или доцнење на летот, како и кога можете да поднесете жалба и да барате поврат на средствата.

Вашите права според ЕУ уредбата 261/2004


Ако летате од Европската Унија или кон неа, без разлика на авиокомпанијата, вашите права се заштитени со ЕУ уредбата 261/2004. Оваа уредба ги дефинира правата на патниците во случај на доцнење, откажување летови или одбивање влез во авион.

Што да направите ако вашиот лет доцни?

Доколку летот доцни повеќе од 2 часа, зависно од должината на летот, имате одредени права: храна и пијалак – ако летот доцни над 2 часа (за кратки летови до 1.500 км) или над 3 часа (за летови до 3.500 км), авиокомпанијата мора да ви обезбеди храна и пијалак.

Финансиска компензација – ако доцнењето е над 3 часа и не е предизвикано од вонредни околности (лоши временски услови, политичка нестабилност, штрајк на независни служби), имате право на: 250 евра за летови до 1.500 км, 400 евра за летови во рамките на ЕУ подолги од 1.500 км и летови до 3.500 км и 600 евра за летови над 3.500 км надвор од ЕУ.

Ако летот доцни над 5 часа, а вие одлучите да не патувате, авиокомпанијата е обврзана да ви понуди алтернативен превоз или поврат на средствата за билетот. Ако заменскиот лет е закажан за наредниот ден, авиокомпанијата мора да обезбеди хотелско сместување.

Што ако летот е откажан?

Во случај на откажување на летот, авиокомпанијата мора: да ве извести најмалку 2 часа пред предвиденото време на полетување, да ви понуди алтернативен лет или поврат на средствата за билетот. Ако летот е откажан од причини кои не се поврзани со лоши временски услови, политички немири, терористички закани, имате право на истата компензација како при доцнење на летот.

Кога немате право на компензација?


Авиокомпаниите не се должни да исплатат оштета ако: доцнењето или откажувањето е предизвикано од лоши временски услови, природни катастрофи, пандемии или политички немири или ако причината за откажувањето е технички проблем што не е предизвикан од пропуст на авиокомпанијата.

Како да поднесете барање за рефундација или компензација?

За да побарате компензација, треба да се обратите до авиокомпанијата. Повеќето компании имаат онлајн формулари за поднесување барање. Подгответе ги сите потребни документи (бројот на лет и датум, доказ за доцнење или откажување, сметки за дополнителни трошоци како храна и хотелско сместување).

Обично, барањето може да се поднесе во рок од 2 години од датумот на летот.

Вашите права како патник се заштитени според ЕУ уредбата 261/2004, а ако вашиот лет доцни или е откажан, не двоумете се да ги побарате своите права. Дури и ако авиокомпанијата одбие да исплати компензација, имате правни механизми за да го остварите вашето право.

Извор: Nova.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот