Луково Поле
Како што најавив во претходната колумна, во ова продолжение ќе се осврнам на еден добро познат проект во македонската јавност: Луково Поле. Иако станува збор за проект со големо енергетско и економско значење, неговата реализација беше доведена во прашање поради еколошките аспекти и отпорот од дел од еколошките организации.
За овој проект е изработена целосна техничка документација за брана висока 71 метар, како и за Корапскиот довод со должина од околу 20 километри. Предвидена е и мала хидроелектрана Црн Камен со моќност од 5 MW. Вкупната инвестиција се проценува на 80 милиони евра, а очекуваното дополнително производство изнесува околу 160 GWh електрична енергија годишно (ова количество електрична енергија е доволно за снабдување на околу 40.000 домаќинства, односно на град со големина на Битола или Куманово). Проектот опфаќа акумулација од околу 39 милиони кубни метри и дополнителен прилив од околу 77 милиони кубни метри вода годишно во хидроенергетскиот систем Маврово.
Според економските анализи, Луково Поле е најисплатливиот неискористен хидроенергетски проект во Македонија. Причината е што не се добива производство само од новата електрана Црн Камен, туку значително се зголемува производството и на постојните електрани во системот Маврово. Водата што ќе се акумулира и префрла преку новите објекти ќе се искористува повеќекратно во електраните Вруток, Равен и Врбен. Но не станува збор само за дополнително производство. Со браната Луково Поле, ХЕ Црн Камен и ХЕ Врбен добиваат значително поголема флексибилност, а новата акумулација станува важен енергетски тампон за целиот систем.
Впрочем, Луково Поле претставува логично заокружување на Хидроенергетскиот систем Маврово. Уште при проектирањето на системот било предвидено дополнително регулирање на водите од сливот на Радика и планинските водотеци на Кораб со цел поефикасно искористување на расположливиот хидроенергетски потенцијал, но тоа не било неопходно да се реализира бидејќи енергија имало повеќе од потребното.
Една од значајните предности на проектот е што меѓународно-правните прашања се веќе решени. Пренасочувањето на дел од водите на Радика кон сливот на Вардар се темели на меѓудржавен договор склучен со Албанија уште во времето на СФРЈ. Дополнително, по демаркацијата на границата меѓу Македонија и Косово во 2012 година, по иницијатива на ЕЛЕМ (денешен ЕСМ), беа отстранети потенцијалните прекугранични прашања во зоната каде што е предвидена акумулацијата. За разлика од многу регионални водостопански проекти, кај Луково Поле денес не постојат проблеми со приватно земјиште и експропријација што би можеле да ја доведат во прашање неговата реализација.
Имав можност повеќепати да ги посетам Луково Поле и Кораб. Станува збор за исклучително убав и недопрен планински предел во рамките на Националниот парк Маврово, еден од ретките региони во Македонија каде што речиси и не може да се забележи отпад во природата бидејќи пристапот е контролиран од Националниот парк и пограничната полиција. Сепак, многубројни слични предели постојат во Швајцарија, Австрија и Франција, каде што хидроенергетските објекти со децении функционираат паралелно со строго заштитени планински екосистеми, во услови на високи еколошки стандарди и континуиран мониторинг.
Не тврдам дека влијанието врз животната средина би било занемарливо, особено при изградбата. Но затоа постојат студии за оцена на влијанието врз животната средина, кои треба да ги идентификуваат ризиците и да предложат мерки за нивно намалување. Во 2011 година тогашниот ЕЛЕМ потпиша договор за финансирање на проектот преку Светска банка. Беа подготвени дополнителни технички анализи, геолошки истражувања и студии за оцена на влијанието врз животната средина, а проектот се доближи до фазата на реализација. Во следните години беше спроведена интензивна кампања против проектот од страна на две домашни и една меѓународна еколошка организација. На крајот, притисокот резултира со повлекување на Светска банка од неговото финансирање, а проектот беше заборавен.
Притоа, треба да се нагласи дека во сите јавни расправи противници на проектот не беа локалните заедници што живеат во регионот, туку неколку организации кои најголем дел од средствата ги обезбедуваат преку меѓународни донатори и фондации. Тоа само по себе не е спорно, но отвора легитимно прашање дали приоритетите на тие организации секогаш се идентични со долгорочните енергетски и развојни интереси на Македонија.
Денес, повеќе од една деценија подоцна, во Македонија нема никаква дискусија дали Луково Поле навистина претставува неприфатлив ризик за животната средина или, пак, постојат технички решенија со кои проектот би можел да се реализира со минимално влијание врз природата.
Според мене, првиот чекор треба да биде независна стручна анализа на целокупната документација подготвена за потребите на финансирањето од Светска банка. Во неа веќе се содржани обемни еколошки, геолошки и хидролошки истражувања. Со вклучување домашни и меѓународни експерти за животна средина, потребно е да се даде прецизен одговор на следните прашања:
• Дали Корапскиот довод и неговите пет зафати претставуваат значаен ризик за локалните екосистеми и кои мерки би можеле да го намалат тоа влијание?
• Дали акумулацијата и браната имаат неприфатливо влијание врз живеалиштата и тресетиштата во подрачјето и дали постојат соодветни мерки за нивна заштита?
Доколку анализите покажат дека неопходните мерки за заштита на животната средина се технички изводливи и економски оправдани, проектот треба да се реализира, а во спротивно да биде избришан од енергетската стратегија на државата.
Искуството од изминатата деценија покажа дека финансирањето на еколошки осетливи проекти преку меѓународните финансиски институции лесно може да биде блокирано. Затоа треба да се размислува за домашни извори на капитал, комерцијални банки, издавање државни енергетски обврзници или други модели (кинеско финансирање како за Козјак?) кои би овозможиле побрза реализација на проектот. Јасно е дека овој проект е од интерес за ЕСМ и дека токму ЕСМ треба да го реализира, но бидејќи компанијата нема финансиски капацитет, треба да добие државна гаранција за кредит.
Така, наместо заклучок, додека времето минува, Македонија извезува евтина, а увезува скапа електрична енергија, зборува за енергетска независност и бара нови извори на производство, додека најисплатливиот домашен хидроенергетски проект веќе со децении собира прашина во фиоките на ЕСМ.
Во наредното продолжение ќе се задржам на Бошков Мост и Вардарска Долина, анализирајќи ги нивната енергетска вредност, еколошките дилеми и реалните можности за нивна реализација во услови на забрзана енергетска транзиција, со што практично ќе го заокружиме целиот неискористен хидропотенцијал во државата.
Автор: Игор Николов, инженер и проект менаџер во хидроенергетика (Швајцарија);