X
 26.05.2025 Живот

Експертите изненадени: Сѐ помалку се користи интерпункцискиот знак точка и запирка

- Не користете точка и запирка. Со користењето на тој знак само ќе покажете дека сте биле на факултет - напишал Курт Вонегат, кој просечно користел помалку од 30 такви знаци во секој роман (приближно еден на секои десет страници).

Се чини дека британските автори сериозно го сфатиле неговиот совет. Ново истражување покажува дека употребата на точката и запирката во англиските книги е во драстичен пад, речиси преполовена во изминатите дваесет години, од еден на секои 205 збора во 2000 година на еден на секои 390 збора денес.

Дополнителна анализа на Лиса Меклендон, авторка на „Совршената работна тетратка по англиска граматика“, открила дека 67 отсто од британските ученици никогаш или ретко користат точка и запирка. Само 11 отсто од испитаниците се опишале себеси како редовни корисници на овој интерпункциски знак.

Јазични експерти од „Бабел“, софтвер за изучување јазици кој го нарачал првичното истражување, биле толку изненадени од резултатите што ја замолиле Меклендон да направи тест со 10 прашања со повеќе понудени одговори за 500.000 члена од Лондонската студентска мрежа. Повеќе од половина од испитаниците не знаеле или не разбирале како се користи овој интерпункциски знак.

Според Оксфордскиот речник на англискиот јазик, точката и запирката е интерпункциски знак што означува пауза, обично помеѓу две главни реченици, која е посилна од запирката, но послаба од точката. Најчесто се користи за поврзување две независни, но смисловно поврзани реченици. Особено е корисна при споредби или за избегнување конфузија во сложени набројувања, каде што веќе има запирки или каде што запирката би довела до граматичка грешка.

Овој знак првпат се појавил во делата на италијанскиот научник и печатар Алд Мануцијус во 1494 година, но и покрај неговото долгогодишно постоење, точката и запирката отсекогаш предизвикувала поделени мислења.

Авторката Лин Трус за овој интерпункциски знак изјавила дека многу писатели зависни од точката и запирката стануваат срам за своето семејство и пријатели.

И не е единствена во таа антипатија: популарната детска хорор-серија „Морници“ на Р. Л. Стајн има една точка и запирка на секои 200.000 збора. Кормак Мекарти употребил 42 во својот прв роман „Чуварот на овоштарникот“, но потоа само еден ваков интерпункциски знак во следните девет романи. Е. Л. Џејмс беше критикувана за тоа што постојано користела запирки наместо точка и запирка во нејзината трилогија „Педесет нијанси сиво“.

Но, овој интерпункциски знак има и свои силни поддржувачи: Чарлс Дикенс, Марк Твен, Џејн Остин, па дури и Абрахам Линколн, кој изјавил дека имал голема почит кон точката и запирката.

Вирџинија Вулф често ја користела точката и запирката во својот роман „Госпоѓа Даловеј“, користејќи над 1.000 во книгата за да го долови текот на мислите на хероината.

„Гугл букс нграм вјуер“, кој ги вклучува романите, стручната и научната литература, покажува дека употребата на точката и запирката пораснала за 388 отсто од 1800 до 2006 година, а потоа опаднала за 45 отсто во следните 11 години. Сепак, од 2017 година започнува бавно закрепнување со зголемување од 27 отсто до 2022 година.

Извор: The Guardian
Фото: The Guardian
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот