X
 26.06.2020 Наша тема

ДАЛИ ЗНАЕТЕ: Која е најотровната печурка во Македонија?

Во оваа рубрика ви презентираме интересни податоци за нашата земја

Колку видови печурки има во Македонија, колку од нив може да се јадат, кои се отровни, како да се препознаат нивните карактеристики? На оваа тема разговараме со д-р Катерина Русевска, асистент-професор на Институтот за биологија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. На Институтот работи и специјализираната Миколошката лабораторија, предводена од проф. д-р Митко Караделев, која се занимава со проучувањето на габите и тоа пред сè нивното видово разнообразие и распространетост кај нас, а во соработка со одредени лаборатории се прават и други анализи.


Д-р Катерина Русевска

- Во изминатите 20 години во Македонија се регистрирани околу 2.000 видови габи, и тоа макромицети (видови чии плодни тела се поголеми од 2 mm), поточно 1.789 кои припаѓаат на типот столпчести габи (Basidiomycota) и 255 претставници од типот торбести габи (Ascomycota). Габите можат да растат на различна подлога (супстрат). На пример, некои растат на почва (териколни видови), а некои на дрво (лигниколни), можат да растат на мов, на измет, на тревести растенија, на листови од дрвја и слично.
Кога зборуваме за габи, би било добро да кажеме како изгледаат, т.е. каква е нивната градба. Тие се изградени од тенки кончести структури, наречени хифи, а група (сплет) од хифи се нарекува мицелиум. Тој расте на одредена подлога и од него се развиваат плодни тела, на пример, печурките - вели Русевска.

Постои правило

Таа објаснува дека формата на плодното тело на габите може да биде различна, па така се среќаваат: чадореста или попозната како печурка, ѕвездеста (се среќава кај дел од гастероидните габи), во форма на потковица или полички (тратови), како кора (како кај корестите габи), топчеста (пуфки, тартуфи), чиниеста (се среќава кај некои претставници од торбестите габи) итн. Исто така, кај габите се среќава и големо разнообразие на бои на нивните плодни тела. Бојата и формата имаат улога во одредувањето на видовите, а особено значајни се микроскопските карактеристики (спорите, структурата на хифите), потоа каква е реакцијата на свежите плодните тела и/или на микроскопските структури со одредени реагенси и слично.

Печурките спаѓаат во столпчестите габи, се одликуваат со меки плодни тела и нивниот број кај нас изнесува околу 700 вида. Oкoлу 200 вида од габите во Македонија можат да се користат во исхраната или имаат медицински својства, додека околу 120 вида се отровни. Што се однесува до невротропните габи, во кои припаѓаат и халуциногените габи, кај нас се регистрирани 40 вида, од 216 познати во светот.


Зелена пупавка (лат. Amanita phalloides)

- Во однос на препознавањето на видовите габи во смисла дали се отровни или не, не постои правило, ниту начин или постапка според која кога ќе видиме некој вид габа можеме да кажеме дали се јаде или не или, пак, дали е отровна. Пред сè, мора прво да знаеме за кој вид се работи, т.е. да знаеме да го одредиме (идентификуваме) видот. За искусните собирачи на габи дел од видовите се лесно препознатливи по своите макроскопски карактеристики, но за другите претставници се потребни подетални анализи не само на макроскопските, туку и на микроскопските карактеристики, како и податоци за нивното живеалиште и супстрат. Во последниве десетина година, како резултат на соработката што ја имаме со странски научни институции, користиме и молекуларен пристап во идентификацијата на некои од посложените или т.н. криптички видови, за кои претходно наведените карактеристики не се доволни - вели Русевска.

На што да внимавате

Што се однесува до најотровната печурка кај нас, тоа е зелената пупавка, чие латинско име е Amanita phalloides. Треба да се истакне дека ова е всушност најотровна печурка воопшто во светот, а се среќава и во Македонија.
- Смртоносната доза е околу 70 грама или едно плодно тело, т.е. една печурка. Овој вид има бела боја на целото плодно тело, додека горниот дел на шапката (чадорчето) е со зеленикаво-жолтеникава боја. Понекогаш кај младите приеморици шапката може да биде бледо зеленикава или речиси бела. Поради тоа, некои аматери  ги собираат ваквите примероци како шампињони и со тоа прават огромна грешка, што најчесто завршува со смрт. Друга смртоносна печурка што се среќава кај нас е белата пупавка (Amanita verna), која има бела боја на шапката - вели Русевска.


Пантерка (лат. Amanita pantherina)

Таа објаснува дека и зелената пупавка и шампињоните од долната страна на шапката имаат ливчиња (ламели). Тоа се структури каде што се наоѓаат спорите кои служат за размножување на габите. Ламелите кај зелената пупавка се бели, додека кај шампињоните се бледо до темнорозови кај помладите примероци и темнокафени до црни кај зрелите и кај старите примероци.

- Тоа е една разлика што се однесува на шапката. Во однос на дршката, и кај зелената пупавка и кај шампињоните таа е бела по боја и поседува прстенче, но зелената пупавка во основата на дршката има волва (чорапче), што отсуствува кај шампињоните и тоа е друга и многу значајна разлика. Исто така, има разлика и во живеалиштата на овие видови - шампињоните најчесто растат на отворени места, како ливади и пасишта, додека зелената пупавка се среќава во шуми. Но, понекогаш зелената пупавка може да се сретне и на отворено тревесто место непосредно покрај шума, на пример, ливада на раб од шума, и тоа е уште една причина поради која се прават грешки од страна на неискусни аматери и собирачи на габи кои имаат недоволни познавања - објаснува Русевска.


Зелена пупавка

Покрај зелената пупавка, друга отровна печурка која се среќава главно во листопадни шуми е пантерката (Amanita pantherina). Нејзината шапка е со кафеава боја, а по површината има мали бели лушпи, од каде што го добила и името. Ламелите, дршката и волавата се со бела боја.
- Значајно е да се напомене дека зелената и белата пупавка, како и пантерката, на пресек не ја менуваат бојата. На сите собирачи на габи им препорачувам да бидат особено внимателни и доколку не се сигурни да не ги користат видовите за јадење - децидна е Русевска.

Фото: Томе Јовановски
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема