„Многу наши познати оперски пејачи, всушност, прво ја изградиле својата кариера надвор од земјата, стекнувајќи интернационално искуство и признание, за потоа да се вратат и да настапуваат во Македонија. Ова ја илустрира реалноста дека и покрај богатството на таленти и традиција, условите за развој во нашата држава сè уште се ограничени и бараат дополнителни инвестиции и поддршка“.
Тодор Арсовски од Штип следниот месец патува за Бразил за да учествува на еден од најреномираните фестивали за класична музика во Латинска Америка - Фестивалот на музика на Санта Катарина (Festival de Música de Santa Catarina - ФЕМУСЦ), откако успеа да се избори за учество меѓу над илјада поднесени апликации од целиот свет. Тодор е меѓу оние 330 уметници што ќе ја имаат честа да настапат на сцената во Жарагуа ду Сол во Бразил.
- ФЕМУСЦ 2026 претставува еден од најреномираните фестивали за класична музика во Латинска Америка, кој ги собира врвните музички таленти од различни краишта на светот. Ова 21. издание ќе се одржи од 11 до 24 јануари 2026 година во градот Жарагуа ду Сол, во државата Санта Катарина, Бразил. За оваа година се предвидени околу 350 учесници, внимателно избрани од над 1.700 апликации, што ги нагласува ексклузивноста и високите стандарди на фестивалот. Програмата е богата и разновидна, со оркестарски, квартетски и солистички настапи, мајсторски класи, семинари и сценски изведби. Настанот, исто така, посветува особено внимание на заедницата и публиката, организирајќи концерти во јавни простори, училишта и цркви, со цел музиката да допре до што поширок круг на слушатели. Лично, учеството на ФЕМУСЦ 2026 е момент од големо значење за мојата уметничка патека. Со тоа станувам првиот Македонец кој ќе настапува на 21. издание на фестивалот, што претставува огромна чест и дополнителна инспирација да се претставам на највисоко уметничко и сценско ниво - вели Тодор.
За да учествува на фестивалот, клучен бил изборот на репертоарот со кој се пријавил. Се потрудил да се претстави во најдобро светло, со дело кое е соодветно на неговите вокални способности и така успеал да стане единствениот Македонец кој ќе учествува на фестивалот годинава.
- Сè започна кога ја видов официјалната покана за пријавување на фестивалот. Веднаш ја подготвив мојата апликација, која вклучуваше биографија, снимки и целата потребна документација. Процесот на селекција беше многу внимателен и темелен. За потребите на селекцискиот процес се претставив со внимателно избран репертоар, чија цел беше да ја нагласи мојата вокална физиономија и интерпретативна зрелост. Во центарот на апликацијата се наоѓаше аријата на Фиеско, „Il lacerato spirito“, од операта Симон Боканегра на Џузепе Верди - едно од најдлабоките и најемотивно набиени дела во басовскиот оперски корпус. Оваа арија, позната по својата драматична тежина и по префинетата музичка линија, претставува висока интерпретативна задача и бара целосна техничка дисциплина и зрелост. Изборот падна токму на ова дело затоа што најавтентично го претставува мојот вокален калибар и мојата уметничка естетика. Верувам дека токму силата на оваа интерпретација имаше значајна улога во одлуката на селекциската комисија. По одредено време добив известување дека сум влезен во потесниот избор, што само по себе беше големо признание. Неколку дена подоцна ми беше официјално соопштено дека сум избран да учествувам на фестивалот. Тоа беше исклучително радосен момент за мене, особено затоа што со тоа станав и првиот Македонец кој ќе учествува на овој фестивал во неговото 21. издание. Тоа е голема чест и дополнителна мотивација да продолжам да работам уште поинтензивно и да се подготвам на највисоко ниво - објаснува Тодор.
Нему веќе му е утврден репертоарот со кој ќе настапи на фестивалот и тој вклучува неколку дела, а можеби најзначајно е тоа што на сцената во Бразил ќе се слушне и македонска песна. Латинска Америка ќе ја слушне „Со маки сум се родил јас“.
- На ФЕМУСЦ 2026 ќе ја отпеам аријата на Фиеско „Il lacerato spirito“ од операта Симон Боканегра на Џузепе Верди, која претставува вистински предизвик за басовскиот глас. Покрај тоа, ќе имам уникатна можност да го изведам и дуетот од операта „Риголето“ на Џузепе Верди - „Риголето и Спарафучиле“, во соработка со еден од врвните бразилски баритони - Луис Рамирез, што е голема чест и претставува вредно сценско искуство. Исто така, особено сум горд што на Концертот на нациите ќе имам можност да изведам македонско дело од реномирана композиторка и деканка на Факултетот за музичка уметност во Скопје, проф. м-р Дарија Андовска - „Со маки сум се родил јас“. Ова дело претставува значајна компонента на македонската музичка традиција и за мене е огромна чест да го претставам на меѓународна сцена, истакнувајќи го богатото културно и уметничко наследство на нашата земја. Сакам да им изразам благодарност на моите професорки - проф. м-р Виолета Вучкова Арсовска и проф. м-р Весна Гиновска Илкова, кои во текот на моето школување неуморно се вложуваа и го даваа својот максимум со цел да го достигнам ова ниво и да бидам тоа што сум денес. Нивниот труд и посветеност ми помогнаа да го постигнам сето ова - вели уметникот.
Тодор учел средно музичко образование во Штип, каде што од 2008 до 2012 година изучувал соло пеење во класата на проф. м-р Виолета Вучкова Арсовска.
-Таа беше личноста која ми ги пренесе првите, најважни искри на љубовта кон оперската уметност. Со голема благодарност секогаш истакнувам дека нејзината посветеност, култура и професионализам беа од пресудно значење за моето почетно уметничко оформување - вели тој.
По завршувањето на средното, природниот тек го однел на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таму од 2013 до 2017 година имал привилегија да студира во класата на првенката на Македонската опера и балет, проф. м-р Весна Гиновска-Илкова, за чија педагошка мудрост и суптилен музички вкус вели дека силно влијаеле врз неговото вокално оформување и понатамошен професионален развој.
Сепак, Тодор веќе 6 години живее и работи во Германија, каде што ја развива уметничката кариера.
- Во моментов, моето време е поделенo меѓу подготовка и работа на различни проекти кои ќе се реализираат во иднина, со цел нивната изведба да биде на највисоко сценско и уметничко ниво. Покрај тоа, вложувам значителен труд и посветеност во усовршувањето на мојата вокална техника и интерпретативни вештини, со постојано истражување на репертоарот, сценската експресија и изразувањето на емотивната длабочина на делата што ги изведувам. Овој процес на постојано усовршување не само што ја зајакнува мојата изведувачка зрелост, туку ми овозможува и да се подготвам за сложени и предизвикувачки интернационални настапи во иднина - вели тој.
Освојувањето место на македонската оперска сцена оди малку потешко, најмногу поради ограничената инфраструктура и имањето само една професионална оперска куќа. Патот кон успехот на македонската оперска сцена, како што вели Тодор, обично започнува од странство.
- Во Македонија има многу талентирани оперски пејачи, многу од нив ги познавам лично, како и многу млади музички таленти кои исто така се подготвуваат за професионални кариери. Сепак, голем број од нив своите чекори кон сцената ги реализираат надвор од нашата земја. Причините за тоа се сложени, но еден од клучните фактори е ограничената инфраструктура за класичната музика во државата. Македонија располага само со една професионална оперска куќа, која се наоѓа во Скопје. За споредба, соседни држави како Србија или Грција располагаат со повеќе оперски куќи, што овозможува пошироки можности за настапи, развој на младите артисти и професионално напредување. Поради тоа, патот до успехот во Македонија е многу потежок и трнлив - пејачите често се соочуваат со ограничени сцени, помалку можности за редовни настапи и помалку простор за експериментирање и раст. Многу наши познати оперски пејачи, всушност, прво ја изградиле својата кариера надвор од земјата, стекнувајќи интернационално искуство и признание, за потоа да се вратат и да настапуваат во Македонија. Ова ја илустрира реалноста дека и покрај богатството на таленти и традиција, условите за развој во нашата држава сè уште се ограничени и бараат дополнителни инвестиции и поддршка. Токму поради овие ограничувања, многу млади таленти избираат да ја продолжат својата кариера во странство, каде што можат да го развиваат својот глас, да настапуваат на повеќе сцени и да се соочат со интернационални стандарди. Оваа реалност истакнува колку е важно да се инвестира и да се создадат повеќе можности, за талентот да остане и да се развива дома - заклучува тој.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица од текстот. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.