X
 26.06.2020 Наука

Колибрито може да гледа бои кои човекот не може ни да ги замисли

Колибрито може да гледа многу бои кои нам ни се невидливи или ги гледаме различно, покажуваат научниците во ново истражување.

Научниците направиле повеќе експерименти во кои откриле дека колибрито може да препознава бои кои се создадени со различни комбинации од ултравиолетова и видлива светлина. Оваа способност веројатно им помага да ги препознаваат цветовите што имаат нектар.


Фото: Pixabay

- Нашите откритија покажуваат дека овие птици навистина гледаат многу бои кои луѓето може само да ги замислат. Ние, луѓето, сме навистина ограничени во разбирањето и опишувањето на способноста за гледање бои на птиците и другите животни - вели Мери Кесвел Стодард, орнитолог на Универзитетот „Принстон“ и еден од авторите на новото истражување.

Просечното човечко око може да препознае околу еден милион различни бои според чувствителноста на клетките на црвената, сината и зелената светлина. Но многу птици, рептили и риби имаат клетки кои се чувствителни и на ултравиолетова светлина. Оваа способност им дава на овие животни дополнителна димензија за перцепцијата на бои во споредба со луѓето.


Фото: Pixabay

Во истражувањето, кое вклучувало 19 различни експерименти, научниците откриле дека колибрито може да гледа бои од видливиот спектар, но и чиста ултравиолетова светлина и различни комбинации од ултравиолетова светлина и видлива светлина, како ултравиолетова светлина измешана со црвената боја. Птиците можеле дури да разликуваат и нијанси од различни комбинации од црвена боја и ултравиолетова светлина.

Автор: Кејт Бегли
Извор: popsci.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука