X
 26.06.2023 Живот

Слободни 23.903 места во средните училишта во вториот уписен рок

За второто пријавување во јуни за упис во средните училишта во учебната 2023/2024 годна има слободни места за 23.903 ученици. По првото пријавување во јунскиот уписен рок, останати се 5.438 слободни места во гимназиското и 18.059 места во стручното образование.

Како што информираше МОН, според наставниот јазик, 18.002 места се слободни за настава на македонски јазик, 5.227 за албански наставен јазик, 612 за настава на турски јазик и 62 слободни места се за српски наставен јазик.

Резултатите од првото пријавување за упис покажуваат дека речиси двојно повеќе ученици се запишале во стручните училишта отколку во гимназиите – од 12.996 запишани (од 16.007 пријавени), 8.235 ученици се запишале во стручно образование, а 4.606 во гимназиско.

Поради пополнети места на првото пријавување, конкурсот е завршен за повеќе струки во училишта низ земјава и нема да примаат апликации на второто пријавување.
Според конкурсните рокови на МОН, второто пријавување ќе се врши утре (27 јуни) до 24 часот и на 29 јуни до 10 часот. Ранг-листата на запишани ученици треба да се објави на 29 јуни на e-uslugi.mon.gov.mk и на www.mon.gov.mk најдоцна до 13 часот.

Доставувањето на потребната документација до училиштата е на 29 јуни од 15 до 19 часот и на 30 јуни од 7 до 19 часот, согласно изготвен распоред од страна на училиштето.

Конечната ранг-листа за секое училиште со резултатите од запишувањето и слободните места ќе биде објавена на 1 јули 2023, најдоцна до 12 часот на огласната табла на училиштето и на www.mon.gov.mk.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот