X
 26.06.2025 Живот

Дали „Чет-ГПТ“ може да ве полуди?

Една редит-корисничка тврди дека нејзиниот сопруг полудел откако „Чет-ГПТ“ му рекол дека тој е месија. Новинар раскажува за човек кој полудел кога вештачката интелигенција го убедила дека живее во симулација налик на Матрикс. Жена која верувала дека вештачката интелигенција пренесува духовни пораки била обвинета за напад врз сопругот.

Сензационалистичките приказни за психоза предизвикана од вештачка интелигенција се множат. Некои дури го смислиле терминот „Чет-ГПТ психоза“. Но, како да го разбереме овој новонастанат страв? И уште поважно, дали треба да се обидеме да го ограничиме?

Дел од проблемот

Ризикот од „Чет-ГПТ психоза“ е поврзан со една од најпривлечните карактеристики на чет-ботовите: тие ги величат вашите согледувања. На ваша страна се кога станува збор за брачните расправии. Ретко нудат спротивно мислење, освен ако не бидат директно прашани.

Некои ја нарекуваат оваа карактеристика „полтронство“. Но, други сметаат дека виртуелните асистенти и другите големи јазични модели им се верни пријатели на кои секогаш можат да се потпрат.

Не е изненадување што кога луѓе во криза ѝ се обраќаат на вештачка интелигенција, машините можат да ја засилат таа криза. Можат да ги зголемат заблудите. Или да ја преземат улогата на духовен водич. Или дури да охрабрат прекинување на терапија.

Нашата колективна анксиозност за вештачката интелигенција и лудилото е реална. Но таа не е ништо ново, туку најновата верзија на социјална паника што се повторува со векови.

Повторување на паниката

Паниката околу вештачката интелигенција и психозата не е нешто невидено. Векови наназад луѓето се плашеле дека новите технологии или практики можат да го разнишаат менталното здравје.

Во XVIII и XIX век лекарите предупредувале дека читањето романи може да доведе до лудило, особено кај жените. Истовремено постоела загриженост за нови музички инструменти, како стаклената харфа, инструмент што се свири со влажни прсти околу рабовите на чаши полни со вода. Стравувале дека може да повика духови или да предизвика лудило.

Во 30-тите, родителите предупредувале на „вештачка претерана стимулација и возбудливост“ од радиосериите како „Малото сираче Ани“ и се залагале за ограничување на содржината.

Точно е дека во некои аспекти вештачката интелигенција претставува поинаков вид закана од книгите, радиото или чудните инструменти. За разлика од тие технологии, големите јазични модели изгледа се вешти во препознавање на нијансите на нашите мисли. Дејствуваат како да имаат личности и карактер. Теоретичарите на вештачка интелигенција дури се прашуваат дали имаме етичка одговорност кон нив.

Што треба да се направи?

Не изненадува што некои критичари повикуваат на ограничувања кога станува збор за тоа како вештачката интелигенција ги засилува заблудите. На пример, ако му кажам на „Чет-ГПТ“ дека чувствувам силна болка во градите, тој веднаш ќе ми каже да побарам итна медицинска помош. Нема да го толкува тоа како духовно искуство или потисната траума.

Зошто тогаш да не го примениме истото правило и за заблуди или ментални кризи? Ако му кажам дека сум месија, зарем не треба да ме упати на лекарска помош? Или да ме обесхрабри од промена на терапија? Или да избегнува духовни интерпретации?

Највпечатливо кај овие предлози не е загриженоста, туку авторитетот што го претпоставуваат. Тие барања ја третираат психијатријата како медицинска гранка со исто ниво на потврдени докази и стручност како кардиологијата или урологијата. Но, тоа не е така.

Ширење на перспективите


Речиси сè што сме учеле за стигмата околу менталното здравје почнува да се расплетува. Истражувања од последнава деценија покажуваат дека медицинскиот модел на психијатрија наместо да ја ублажи стигмата, вовел нови облици на стигма. На пример, луѓето што веруваат дека нивните ментални проблеми потекнуваат од нарушувања во мозокот имаат поголема веројатност да бидат песимисти во однос на закрепнувањето.

Ако психијатријата почнува да прифаќа повеќе перспективи, зошто би се обидувале да ја спречиме вештачката интелигенција да ја одрази таа разновидност? Зошто да ја ограничиме способноста на вештачката интелигенција да истражува алтернативни начини на поимање на психолошката болка?

Да, точно е дека интеракцијата со вештачка интелигенција кај мал број луѓе може да ги влоши менталните состојби. Но ограничувањето на различните пристапи може да предизвика уште поголема штета.

Извор: Psychologytoday.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот