X
 26.07.2021 Живот

Колку кнедли ќе проголташ пред да дадеш отказ?

Колку пати сте сакале да заминете од работа поради лош однос, но сте одлучиле да останете бидејќи ви требаат пари? Не сте единствени. Авторката Јелена Ѓурѓевиќ во текст за „Лола“ совршено го илустрира овој проблем што мачи многумина.

- Првпат почнав да работам на 19 години. Планот беше да заработам за една третина од станарината во Белград (живеев со сестра ми и другарка) и да заштедам за трошоци за приемен испит и подоцна, кога ќе почнат предавањата, да имам барем за една рата однапред бидејќи ќе биде тешко да ги комбинирам работата и факултетот. Мислев дека сè ќе постигнам со плата од 24.000 динари.

Работата ја напуштив по неколку месеци поради големо воспаление на јајчниците. Не ве гледам в очи, но ве лажам - работата ја напуштив поради малтретирањето од шефицата и постојаното принудување да влегувам од +20 степени во најстудената комора во кратки ракави, каде што е -17.

Исто како и вам, на работодавците им реков дека си заминувам од здравствени причини. Ми беше жал да ја „цинкарам“ жената која е на возраст на мајка ми бидејќи ако таа добие отказ, тешко ќе најде друга работа. Јас можам, јас сум млада. Работам повеќе од 10 години, што значи дека сум проголтала десетици кнедли, сум премолчила милион неправди бидејќи работата не паѓа од небо, секаде е така, ако јас не сакам да работам, има кој ќе сака. Капитализмот е моќна и опасна играчка и нè натера достоинството да го претвориме во подлога.


Фото: Pixabay

Правилата на однесување што ги трпат вработените ни се влезени во главата и создале изопачени системи од вредности, при што вредноста ја добиваат само надредените. Искрено, жалам што допуштивме во огласите на работа како придобивка да пишува редовна плата. Платата е обврска која работодавецот ја има кон вработениот, државата, но и морално кон себе.

Сите емотивно и ментално пукнавме и дозволете ми да го одврзам јазикот

Еј, работодавци, не се вели мултитаскинг, туку не сакаме да вработиме уште луѓе, па ти ќе бидеш личност за сè. Пробниот период не значи дека само вие го тестирате вработениот, туку и другата страна да види дали ѝ одговара вашата фирма.

Дали знаете колку време одзема една тест-задача? Што мислите за тоа и ние да ви испратиме една задача врз чија основа ќе видиме дали нам ни одговара вашиот начин на работа и дали сте доволно компетентни да ни бидете надредени? Не грижете се, нема да ви одземе повеќе од 7 дена, баш како ни нам оваа што ја добивме на е-пошта.

И зошто во огласите за работа не стои колкава е минималната, а колкава максималната плата за наведената позиција? Знам, даноците и придонесите се големи, но како да ви кажам, доколку не можете да ги третирате вработените како луѓе кои имаат планови (купување стан, формирање семејство, живот кој заслужува малку повеќе од основните егзистенцијални потреби), тогаш ставете клуч на врата и не велете дека нема кој да работи.

И што имаме ние од динамичното работно опкружување ако во 8 навечер добиваме е-пошта дека нешто е многу итно. Мили мои, сè што е итно не е битно, бидејќи да беше битно, ќе се сетевте навреме. И што значи „подготвеност на работа под притисок“?

И на крај, кога веќе сите користат „Линкдин“ како што им одговара, зошто не стане практика таму да пишуваме зошто навистина сме ја напуштиле работата. Затоа што ми должат плата од ноември, а сега е јули; затоа што описот на работата за време на процесот на селекција не е ниту блиску до реалниот работен ден во таа и таа фирма. Затоа што директорот ми кажа дека ако тој каже дека треба да одиме во тоалет и вршиме нужда, ние ќе мора да го направиме тоа затоа што тој така кажал.

Затоа што ни е мачно од плата во плик.
Затоа што на работното место немаме право да користиме столови.
Затоа што немаме право за време на паузата да купиме појадок.
Затоа што од нас се очекува да цркнеме за вашата фирма.

*наведените примери имаат сличност со вистински ситуации бидејќи се вистински ситуации.

Секогаш кога кнедлата ми била толку голема за организмот да ми реагира со повраќање, си помислував уште колку луѓе седат, молчат и трпат? Зошто постои таа игра на алфа-шеф и бета-работник?

Се запрашав како тоа ние даваме отказ? Не можам повеќе. Па, сепак, можам уште малку. Ќе издржам до Нова година и тогаш е доста. Па, сепак, морам да го отплатам кредитот. Па добро, сакаше да бидеш успешна, сега што лелекаш, работи. Па, ми се смачи од таквиот пат до успехот, па уште малку ми се смачи, па ќе испијам лек против болка во желудникот.

Ќе испратам е-порака да дадам отказ. И што ќе правиш потоа? Седи, молчи и трпи е мантрата која нашите родители, познатите југословенски деца, ни ја оставија во наследство.


Фото: Pexels

Меѓутоа, ми се чини дека тоа „семејно богатство“ полека исчезнува. Можеби Синиша Павиќ не замислувал така, но новите генерации нема да имаат проблем да кажат: „Дали вие сте нормални? и без размислување сè да објават на „Тик-ток“ со некоја популарна песна.

Доживеав мобинг на три работни места и ова се случува кога му даваш отказ на мачителот: учиш дека не се сите исти, дека некои го ценат сето она што го работиш; учиш побрзо да избегаш кога ќе ти се преврти желудникот бидејќи влегуваш во канцеларија.

Би сакала работодавците да разберат: вработените не се робови; вработените еден ден ќе соберат храброст да си отидат; вработените наоѓаат подобри работни можности; вработените може да застанат зад себе; вработените навистина се заменливи, но и вие сте.

Затоа, ајде да се договориме - непочитувањето на вработените е сосема спротивно од успешен бизнис. Наградите и годините на постоење на фирма не вредат ни три динари ако не сфатите дека покрај и пред вас се човечки суштества.

Автор: Јелена Ѓурѓевиќ
Извор: Lola Magazin

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот