X
 26.07.2025 Наука

Генот што ги прави луѓето премногу друштвени

Замислете да чувствувате љубов и топлина кон секоја личност што ќе ја сретнете. Тоa е секојдневие за луѓето со Вилијамсов синдром (WS), ретко генетскo нарушување што се јавува кај приближно едно од 7.500 лица.

За разлика од лицата со аутизам, оние со Вилијамсов синдром се исклучително друштвени, емпатични и имаат тенденција да се гушкаат дури и со непознати лица. Но, оваа отвореност има своја цена. Тие тешко задржуваат долготрајни пријателства, често се чувствуваат осамени и се лесна цел за манипулации бидејќи не препознаваат опасност.

Генетска основа на „друштвеноста“

Вилијамсовиот синдром настанува поради бришење на дел од ДНК на хромозомот 7, што вклучува 25 до 27 гени. Недостигот на еден од нив, ELN, предизвикува проблеми со еластичноста на ткивата и крвните садови. Друг ген, BAZ1B, влијае врз обликот на лицето и адреналинскиот одговор на страв. Лицата со Вилијамсовиот синдром често имаат карактеристичен изглед (мал нос, широка уста, мала брада) и намалено чувство на страв од непознати.

Еден од гените што сè повеќе го привлекува вниманието на научниците е GTF2I, ген што е поврзан со друштвеното однесување. Истражувања покажале дека глувци и кучиња со намалена функција на овој ген се попријателски настроени. Кај луѓето, прекумерното присуство на овој ген се поврзува со облик на аутизам што вклучува социјална фобија.

Покрај тоа, лицата со ова нарушување имаат повисоки нивоа на хормонот окситоцин и неговите рецептори, што може да објасни зошто се потопли и поотворени.

Потенцијални терапии и нови откритија

Научникот Боаз Барак открил дека глувци без GTF2I имаат помалку миелин, заштитен слој околу невроните, што може да го наруши преносот на сигнали помеѓу деловите од мозокот задолжени за страв и донесување одлуки. Неговиот тим моментално го тестира антиалергискиот лек клемастин како потенцијален третман за подобрување на миелинизацијата кај лицата со ова нарушување.

Истовремено, научникот Алисон Муотри дошол до заклучок дека невроните кај овие лица создаваат повеќе синапси, што може да значи дека нивниот мозок посилно реагира на нови лица, ослободувајќи допамин и создавајќи чувство на задоволство. Спротивно на тоа, кај децата со аутизам, невроните имаат помалку поврзувања.

Истражувањата за Вилијамсовиот синдром откриваат колку е чувствителен балансот меѓу довербата и претпазливоста. Сè повеќе се верува дека генот GTF2I игра клучна улога во тоа колку сме друштвени.

Извор: n1info.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука