Велат дека патувањата нè збогатуваат и тоа е вистина. Но, понекогаш некое место не нè маѓепсува како што сме очекувале. Наместо восхит, се јавува збунетост: „Што толку посебно гледаат другите тука?“ Така и настанал еден од најпознатите феномени меѓу туристите - парискиот синдром, состојба на длабоко разочарување по посетата на градот на љубовта.
Париски синдром - Кога соништата за Париз ќе се судрат со реалноста
Некои туристи, особено од Јапонија и Кина, доживуваат панични напади, анксиозност и депресивни состојби по пристигнувањето во Париз. Причината? Градот не изгледа како на разгледниците. Наместо романтична атмосфера, ги пречекуваат нељубезни келнери и метеж по улиците. Овој синдром прв го опишал јапонскиот психијатар Хироаки Ота уште во 80-тите години, откако забележал зачестени случаи кај јапонски туристи во болницата каде што работел во Париз.
Фирентински синдром - Кога уметноста е премногу моќна
Ако парискиот синдром се појавува поради разочарување, фирентинскиот синдром, познат и како Стендалов синдром, е спротивен феномен. Тој се појавува кај лица кои се длабоко потресени од убавината на уметничките дела што ги гледаат во Фиренца. Разгледувањето на камбанаријата на Џото, музејот „Уфици“, „Раѓањето на Венера“ или статуата на Давид од Микеланџело кај некои луѓе предизвикува вртоглавица, потење, несвестица или силна емоционална реакција.
Синдромот го добил името по францускиот писател Стендал, кој во 1817 година ги опишал своите чувства по посетата на Фиренца. Тој почувствувал вознемиреност, забрзано чукање на срцето и „духовен транс“. Подоцна, во 1989 година, италијански психијатар го потврдил феноменот набљудувајќи неколку пациенти.
Ерусалимски синдром - Кога верата станува личен идентитет
Најдраматичниот од трите е токму ерусалимскиот синдром. Тој се појавува кај религиозни лица кои, по пристигнувањето во Светиот град, почнуваат да веруваат дека се Исус Христос или друга значајна верска фигура. Според психијатрите, овие случаи се почести кај строго воспитани и осамени мажи. Притисокот од духовното значење на местото и личните убедувања може да доведе до целосна загуба на реалноста.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Freepik