Во Северен Тајланд ренџери открија пештера длабоко во џунглата која содржи праисториски гравури што би можеле да отворат ново поглавје за историски и културни истражувања.
Чуварите од резерватот за диви животни „Фу Кат“ учествуваа во тридневна патрола на шумите Кун Нам Тон, Анг Кон Каен и Там Такунг во Набуа, во покраината Фитсанулок.
Првично, тие вршеле конзерваторски работи за следење на ловокрадството и дивите животни во сливот на реката Квае Нои. Притоа наишле на претходно непознато место во овој заштитен резерват, кое се покажало како пештера во која имало знаци за човечко присуство. Откритието би можело да содржи вредни информации за праисториското минато на Тајланд.
Нов споменик
Ова геолошко и археолошко наоѓалиште патролните службеници го нарекле пештера Такунг. Иако била оддалечена само два километри од седиштето на светилиштето, импресивната пештера била заштитена околу 2.000 години во густата вегетација на шумата.
Пештерата ги привлекувала луѓето што живееле пред илјадници години. Внатре патролните службеници пронашле добро зачувани гравури на геометриски линии и шари.
Моментално се проучуваат ознаките, но се шпекулира дека тие би можеле да датираат од металното време на Тајланд, кое ги опфаќа бронзеното и железното време. Експертите очекуваат дека пештерата и нејзините мистериозни ознаки ќе обезбедат нови сознанија за населувањето на луѓето во сливот на реката Квае Нои.
Нова димензија во истражувањето
Монгкол Хамсук, раководител на резерватот за диви животни „Фу Кат“, рече дека местото е значаен природен ресурс и културно-историско обележје.
- Повеќе истражувања ќе ни овозможат да дознаеме повеќе за приказните на оваа земја, нејзините екосистеми и луѓето што живееле тука во минатото - истакнал тој.
Извор: interestingengineering.com
Фото: Facebook