X
 26.12.2018 Живот

Гаспаре Џијакалоне - сицилијански банкар кој го напуштил Лондон за да се бори со мафијата

Пред мафијата да пука кон неговата канцеларија во едно зафрлено италијанско село, 48-годишниот Гаспаре Џијакалоне бил почитуван менаџер на Европската банка за обнова и развој во Лондон, каде што управувал со инвестиции вредни милијарди.

Кога во 2012 година ја напуштил работата за да влезе во трка за градоначалник на неговиот роден град Петрозино, знаел дека ја заменува канцеларијата во Лондон со многу поопасен живот.

Петрозино е мал град со осум илјади жители, сместен во срцето на територијата контролирана од страна на Матео Месина Денаро, шеф на шефовите на „Коза ностра“. Сепак, Гаспаре Џијакалоне вели дека неговата работа е „валкана работа, но дека некој мора и тоа да го работи“.

Како син на земјоделец, Џакалоне во Лондон стигнал во 1996 година. Тој бил финансиски аналитичар. Соработувал со „Дојче банк“ пред да ја добие работата во Европската банка за обнова и развој, каде што неговата основна заработка била поголема од 160.000 фунти годишно.

Меѓутоа, кога летото 2011 година отишол во родниот град, дознал дека локалната мафија планира на неговата омилена плажа да направи хотел од девет илјади квадрати, на само неколку чекори од морето.

- Не можев да се помирам со тоа и кога се вратив во Лондон, почнав да ја планирам кандидатурата за градоначалник - вели Џијакалоне.

Во мај 2012 година, со поддршка од коалиција од партии од радикалната левица и Комунистичката партија, неговите планови се оствариле.

Шефовите на „Коза ностра“ веднаш реагирале. Секоја недела во канцеларијата пристигале анонимни писма.

- За пет години собрав повеќе од 300. Писмата по правило содржат смртни закани. Рекоа дека ќе ме убијат ако се обидам да ги запрам - раскажува поранешниот менаџер на Европската банка за обнова и развој.

Петрозино
Фото: Guardian

На 6 октомври 2016 година имало и обид за реализација на заканите - кон канцеларијата на Џијакалоне биле испукани голем број куршуми. Тоа не го спречило следната година да победи на локалните избори со 60 отсто од гласовите.

Не треба да го прашувате овој градоначалник дали му недостигаат осмиот кат и канцеларијата бидејќи инвестициите тешки милијарди евра не можат да го купат задоволството што му го дава борбата со „кумовите“ од сицилијанската мафија.

- Лондон и понатаму е во моето срце. Од Англичаните научив да ги правам вистинските нешта. Сепак, од Сицилијанците научив како да се борам за да ги остварам целите - вели Џијакалоне. 

Гаспаре Џијакалоне
Фото: Guardian
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот