X
 26.12.2019 Живот

Кој заработил најмногу во 2019 година?

Најмногу пари од сите луѓе во светот оваа година заработил Французинот Бернард Арно, сопственик на компанијата LVMH - 35,5 милијарди долари.

Под оваа компанија се брендовите „Луј Витон“, „Диор“ и „Моет & Шендон“. LVMH минатиот месец постигнала договор за купување на американскиот гигант „Тифани“ за повеќе од 16 милијарди долари.

Сега вкупното богатство на Арно изнесува 104 милијарди долари и тој е третиот најбогат човек во светот.

Две жени оваа година стекнале поголемо богатство од Арно, но не може да се каже дека баш го заработиле.

Мекензи Безос стекнала 35,9 милијарди долари благодарение на разводот од основачот на „Амазон“, Џеф Безос. Нивниот развод беше најскап во светот, со оглед на уделот што Џеф морал да ѝ го препушти на Мекензи, која се најде на 26. место на листата со најбогати луѓе во светот.

Но, ни таа не е личноста што дошла до најмногу пари во 2019 година, туку Џулија Флешер Коч, вдовица на Дејвид Коч, поранешен соосновач на компанијата „Коч индустрис“, втората најголема приватна компанија во САД по приходи.

56-годишната Флешер Коч богатството од 62 милијарди долари го наследи од покојниот сопруг и со тоа стана 10. најбогата личност во светот и најбогата жена.

Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, оваа година го зголемил своето богатство од 26,7 на 78,7 милијарди и тој е петтата најбогата личност во светот.

1
Фото: Getty Images


Бил Гејтс додал 22,4 милијарди долари на својата сметка и сега со вкупно 113 милијарди е најбогатиот човек.

На второ место е Џеф Безос, кој има 111 милијарди, 13,6 милијарди помалку од минатата година. Тој е еден од ретките супербогаташи чие богатство оваа година се намалило.

Сопственикот на „Зара“, Амансио Ортега, во 2019 година станал побогат за 15,7 милијарди долари, па со вкупно 74,3 милијарди се најде на 6. место на листата со богаташи.

Ворен Бафет оваа година додал околу 5 милијарди на своето богатство, кое сега изнесува 89 милијарди долари и со тоа се најде на четвртото место на листата со најбогати луѓе во светот.

Најбогатиот човек во Азија и 11. најбогат во светот е Индиецот Мукеш Амбани, кој оваа година заработил дополнителни 17,6 милијарди долари, па сега има вкупно 62 милијарди.

Стив Балмер во 2019 година заработил импресивни 19,4 милијарди, па дошол до богатство од 58 милијарди.

Тројца косопственици на „Волмарт“, познати како најбогатото семејство на светот - Роб, Џим и Алис Валтон, само оваа година заработиле над 10 милијарди долари. Сега тие тројца заедно имаат над 162 милијарди долари. „Волмарт“ е најголемиот светски малопродажен синџир.

Основачот на „Алибаба“, Џек Ма, оваа година обезбедил дополнителни 11 милијарди долари.

Жаклин Марс и нејзиниот брат Џон Марс, сопственици на познатото чоколадно царство „Марс“, оваа година го зголемиле своето богатство за над 10 милијарди долари.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот