X
 06.11.2017 Економија

Што треба да знаеме за Рајските документи?

1
Фото: Printscreen/Guardian

Најголемите светски компании, лидери на држави и луѓе познати на цел свет од сферата на политиката, забавата и спортот се најдоа во аферата со голем данок наречена „Рајските документи“. Сè излезе во јавноста овој викенд кога новинарите ги добиле документите од две реномирани компании за офшор-услуги од Бермуди и Сингапур.

Така, за јавноста станаа познати доверливи документи што укажуваат на тоа дека многу познати личности ги чувале своите пари во таканаречени даночни оази - аферата многу потсетува на онаа што го потресе светот минатата година со Панамските документи. Овој пат станува збор 13,4 милиони документи, што всушност е најголем број податоци некогаш објавени. Еве што треба да знаете за овие документи.

1. Новинарите успеале да стигнат до 13,4 милиони документи

Документите протекоа од адвокатската компанија „Еплбај“ со седиште во Бермуди и од компанијата „Ејжасити траст“ од Сингапур, а до нив стигнал германскиот весник „Зидојче цајтунг“ и ги споделил со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари, вклучувајќи ги „Гардијан“, Би-би-си и „Њујорк тајмс“. Повеќе од 380 новинари од повеќе од 90 медиуми во 67 земји со месеци работеле на случајот. Станува збор за 13,4 милиони доверливи документи што имаат 1,4 терабајти податоци.

2. Клиентите на компаниите ги кријат парите во даночни оази

Документите укажуваат на серија добро познати имиња кои своите пари ги кријат во даночни оази. Најмногу клиенти се од компанијата „Еплбај“, која на своите клиенти им помага да го намалат даночното оптоварување на имот, како што се компании, приватни авиони, недвижности и јахти. „Еплбај“ има канцеларии, односно даночни засолништа низ светот. Освен во Бермуди, има седиште на британските Девствени Острови и на Кајманските Острови, на Карибите, Маврициус, Сејшелите...

Меѓу објавените документи се и половина милион датотеки од „Ејжасити траст“, компанија од Сингапур специјализирана за офшор-услуги. Таа дејствува во Бермуди, на Кајманските Острови, Либан и на Малта.

3. Се споменуваат британската кралица, американскиот министер за трговија, советникот на Трудо, „Епл“, „Најк“...

Документите вклучуваат имиња на повеќе од 120 политичари од речиси 50 земји. Меѓутоа, на големата листа со компании и луѓе доминираат Американците. Во аферата се споменуваат и 13 члена на кабинетот на Трамп. Се споменува и американскиот министер за трговија Вилбур Рос, кој соработува со производител на гас кој делумно е во сопственост на зетот на Владимир Путин. Интересно е тоа што клучните сопственици на компанијата се под санкции на Америка. Овие сознанија дополнително ја комплицираат истрагата за можните финансиски врски меѓу луѓето на Трамп и Русија.

Соработниците на канадскиот премиер Џастин Трудо, вклучувајќи го и неговиот главен финансиер и висок советник, биле вклучени во преместувањето на милион долари на офшор-сметки. Стивен Бронфман, високиот советник на Трудо и човекот кој се смета за еден од клучните за политичкиот подем на канадскиот премиер, според објавените документи, оркестрирал во комплексната мрежа во Америка, Израел и Кајманските Острови. Интересно е тоа што Трудо во кампањата се залагал за затворање на даночните оази.

Во документите се споменуваат и финансиите на британската кралица Елизабета II. Таа инвестирала 10 милиони фунти кралски приватни пари во офшор-сметки. Станува збор за средства што не се објавени во официјалните сметки, но нема непосредни знаци за нелегално вложување. Не постои индикација дека кралицата направила нешто нелегално или дека не плаќала данок, но останува прашањето дали треба таа да вложува во офшор-сметки.

Мултинационалните компании како „Најк“ и „Епл“ активно инвестирале пари во офшор-сметки во земји што гарантираат ниски даночни стапки. Интересно е тоа што во контекст на минатогодишната афера во која се најде „Епл“, Европската комисија ѝ наредила на компанијата да ѝ плати 14,5 милијарди долари на Ирска, бидејќи не платила никакви даноци во оваа земја.

4. „Фејсбук“ и „Твитер“ добиле стотици милиони долари чии траги водат до руски државни претпријатија


Интересно е што социјалните мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“ добиле стотици милиони долари инвестиции, а трагите на овие пари водат до руски државни компании како „ВТБ Банка“ и „Газпром“. Документите споменуваат и работење на глобални компании како „Најк“ и „Епл“, осомничени за префрлање пари во даночните оази со цел да избегнат даноци.

5. Што всушност се даночните оази?

Иако не постои општо прифатена дефиниција, најблиската би била - земји што на странските лица и компании им нудат можност за минимална даночна обврска. Земјите што се даночна оаза се карактеризираат со тајност на податоците од банките. Според извештајот од 2015 година, во даночните оази има помеѓу 21 и 32 милијарди долари.

6. Дали сето тоа е легално?

Ставањето финансиски средства во офшор-компании е легално, но критичарите на ваквите системи често велат дека ваквиот начин ги олеснува нелегалните активности, поради доверливоста на финансиските трансакции. Познатите личности и светските политичари често го користат тоа.

7. Што сега?

Компанијата „Еплбај“ вели дека не толерира незаконско однесување и наведува дека објавените документи се неосновани и базирани на недостиг на разбирање на легитимната и законската структура што се користи во офшор-секторот“. Од компанијата велат дека сè темелно се анализира и се убедени дека нема докази за нелегални дејства од нив или од нивните клиенти.

Минатата година аферата „Панамските документи“, што во голема мера потсетува на оваа афера, доведе до скандали од највисоко ниво - премиерот на Исланд поднесе оставка бидејќи се откри дека криел милиони долари. Поранешниот пакистански министер Њуаз Шариф е обвинет за корупција поради документ објавен во Панамските документи. Светските политичари веќе почнаа да ја коментираат оваа светска афера.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија