X
 27.03.2020 Здравје

САД имаат најмногу заразени од коронавирусот, Италија најмногу смртни случаи

Бројот на заразени со новиот коронавирус во целиот свет сега е поголем од половина милион. Неколку месеци по појавата на овој вирус на светско ниво има повеќе од 550.000 заразени, речиси 25.000 починале, а околу 129.000 закрепнале од вирусот.

И додека научниците се во трка со времето да најдат лек или вакцина против вирусот, политичарите се борат да се справат со кризата, а луѓето се принудени да седат дома, статистиките ни носат само грижи. Во време кога американските политичари се мета на критики затоа што лошо се справуваат со ситуацијата, САД избија на врвот на табелата во однос на заразени. Сега таму има повеќе заразени отколку што има во Кина, од каде што почна сѐ.

Според последните податоци, бројот на заразени со новиот коронавирус во САД е 85.749, додека во Кина 81.340. Со оглед на тоа дека ситуацијата во Кина стивнува, очигледно е дека САД ќе бидат светски лидери и во ова поле, иако ова не е за пофалба.

На третото место на табелата е Италија со 80.589 заразени, а потоа следуваат Шпанија со 64.059, Германија со 47.373, Иран со 32.332, Франција со 29.155, Швајцарија со 11.951 и Велика Британија со 11.658 заразени.


Фото: Worldometers (printscreen)

Во однос на вкупниот број починати од коронавирусот, на светско ниво најлошо е во Италија, каде што има вкупно 8.215 смртни случаи. Тоа е речиси тројно повеќе отколку во Кина, каде што има вкупно 3.292 смртни случаи. Ситуацијата е загрижувачка и во Шпанија, каде што досега има 4.858 смртни случаи како последица на заразата со коронавирусот, а голем е бројот на смртни случаи и во Иран (2.378), Франција (1.696) и САД (1.304).

Во однос на заздравување од вирусот, предводник е Кина со 74.588, а потоа следуваат Иран со 11.133, Италија со 10.361, Шпанија со 9.357, Германија со 5.673, Франција со 4.948, Јужна Кореја со 4.528 и САД со 1.868.

Тука можете да ја видите целата табела.

Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје