X
 27.03.2026 Живот

Стефан Тренески е првиот Македонец возач на Формула 4: „Мојата приказна започна преку е-спортот, учев на виртуелни симулатори, а долгорочно целта ми е Формула 1“

Победата на многу поискусни возачи ми даде потврда дека можам да се натпреварувам на високо ниво. Тоа беше пресвртница - сфатив дека ова може да биде професионална кариера, а не само страст, вели Стефан Тренески

Стефан Тренески е прв македонски возач на Формула 4, нова сила во европскиот мотоспорт и пионер во Македонија. На 17 години тој влезе во историјата со освојувањето на Формула 4 ЦЕЗ академијата и со тоа се впиша како првиот Македонец што го сторил тоа. Оваа победа му донесе стипендија и место во Формула 4 ЦЕЗ шампионатот, ставајќи го на официјалниот пат кон Формула 1. Поради својот остар фокус, тркачка интелигенција и бестрашен стил на возење, Стефан доби репутација на еден од младите возачи што најмногу ветуваат.

- Мојата приказна започна преку е-спортот, каде што првпат ја почувствував страста кон автомобилизмот. Виртуелните симулатори ми помогнаа да ја развијам основната тркачка логика – линии, точки на кочење, стратегија. Но преминот во вистински болид беше огромен чекор. Во реалноста чувството за брзина, Г-силите, вибрациите и одговорноста се неспоредливи. Најмногу ме изненади физичката интензивност – колку работи телото во секој свијок и колку концентрација е потребна во секоја секунда - споделува Стефан.



Физичката подготовка е клучна

Стефан зад себе има значајни успеси и титули.

- Еден од најважните моменти беше кога ја победив Формула 4 академијата, што ми овозможи да си го остварам мојот сон и да добијам шанса да се борам со возачи од светот во 2026 сезона во Ф4 Централноевропскиот шампионат. Победата на многу поискусни возачи ми даде потврда дека можам да се натпреварувам на високо ниво. Тоа беше пресвртницата - сфатив дека ова може да биде професионална кариера, а не само страст - ни изјави Стефан.

Возењето формула е спорт што бара екстремна физичка и ментална подготвеност, па тој ни сподели сегмент од неговиот тренинг и стил на живот.



- Тренингот е комбинација од кардио, вежби за врат, стомак, грб, реакциски тренинзи и симулатор. Формула-болидите создаваат големи Г-сили, па физичката подготовка е клучна. Ментално, работам на визуализација, анализа на податоци и техники за контрола на стрес, како и поддршка од психолог. Фокусот го одржувам така што секоја трка пробувам да бидам смирен - вели Стефан.

Најмногу внимава на позиционирањето


Автоспортот носи и сериозни ризици, а Стефан од прва рака ни сподели во какви опасности реално се впушта еден возач на формула и на што најмногу мора да внимава додека е на патеката.

- Ризикот секогаш постои – високите брзини и блиските дуели значат дека една мала грешка може да има сериозни последици. Но модерните болиди, особено во шампионати како Ф4 Централноевропскиот шампионат, имаат високи безбедносни стандарди. Најмногу внимаваме на позиционирањето, комуникацијата со тимот и почитување на правилата - изјавува нашиот соговорник. 



Тој успеа да влезе во историски проект како прв возач од Македонија во Програмата за возачи Брабхам. Следниот период ќе работи под менторство на легендарниот Дејвид Брабхам.

- Да се биде дел од Програмата за возачи на Брабхам е огромна чест и одговорност. Тоа значи дека некој со големо искуство и традиција во мотоспортот верува во мојот потенцијал. Оваа доверба и соработка ми отвора многу врати и ми покажа дека со правилна работа и поддршка можам да се борам за уште повисоки цели во кариерата. Да претставувам ваква легенда од светот на Формула 1 е огромна чест и мотивација. Работата со Дејвид Брабхам е привилегија. Неговиот совет ми е дека конзистентноста и дисциплината се клучни – не само брзината. Очекувам да научам многу работи од него кои ќе ми помогнат на патеката и ќе ми овозможат да стигнам до одличен резултат - подвлекува Стефан.



Конкуренцијата во Формула 4 е исклучително силна – 45 млади таленти од земји од целиот свет, сите со амбиција за напредок кон повисоки категории.

- Мојата цел во првата сезона е конзистентност, учење и борба за поени и подиуми. Долгорочно, целта е чекор по чекор напредување кон повисоки формула-серии како Формула 1 и градење стабилна меѓународна кариера - додава Стефан.



Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот