X
 27.04.2018 Живот

Наставнички малтретирале аутистично дете во САД

Две наставнички од „Хоуп академи“ во Батон Руж, Луизијана, беа отпуштени откако една мајка објави како тие се однесувале кон нејзиниот аутистичен син.

„Хоуп академи“ е училиште со програма која е приспособена за деца со посебни потреби, а во ова училиште одат деца со различни нарушувања - од аутистичен спектар, деца со Даунов синдром, АДХД, тешкотии во учењето итн.

Милиса Дејвис забележала дека нејзиниот 12-годишен аутистичен син Камден станал агресивен и одеднаш почнал да уринира во кревет. Со претпоставка дека децата во училиште го малтретираат, таа ставила диктафон во неговиот ранец за да слушне што се случувало.

По споделувањето на снимките, Дејвис изјави дека е ужасно вознемирена и изненадена од тоа што го слушнала. Нејзиното дете не било малтретирано од други ученици, туку од наставничките.

- Ми дојде да плачам, да викам, што и да е, бидејќи она што го слушнав беше ужасно. Самата идеја дека секој ден го испраќав син ми таму и што сѐ се случувало пред тоа, за што не знам... ме вознемири - изјави мајката.



Ова е транскриптот од снимениот разговор.

Наставничка: Само треба да го напишеш зборот. Што е толку тешко?

Ученикот: (звук на негирање)

Наставничка: (се исмева)

Наставничка: Камден, зошто не напиша нешто? Еве зошто не можеш да седиш со сите други. Кажи ѝ на мајка ти.

Наставничка: Јас навистина би сакала да видам што ќе правите со него во државно училиште. Требало да оди во „Лајв Оак мидл“. Таму нема да издржи ни една минута.

По случката, Дејвис ангажирала адвокат.

- Една од најлошите работи што можете да ги направите е да искористите послаб од себе или дете со тешкотии. Ним им е потребна посебна заштита, а тој не ја добил. Кога слушнав како разговараат со него, се згрозив - истакна адвокатката Шарлот Мекги и ги предупреди родителите да го следат однесувањето на своите деца и да реагираат бидејќи ниедно дете не заслужува таков однос.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот