X
 01.10.2016 Образование

Проект на ООУ "Лазо Трповски" награден на меѓународен натпревар во Берлин

Ученици од ООУ „Лазо Трповски“ освоија награда на Меѓународниот училиштен натпревар за воздушен и вселенски сообраќај 2016 кој годинава се одржа во Берлин, Германија. Заедничкиот проект изготвен од вкупно 40 ученици од 3а, 4а и 4б одделение „Патуваме во вселената“ беше координиран од училиштен тим составен од шест наставници во својство на ментори: Оливера Маџоска, Александра Неделковска-Петровска, Розета Сугарева, Јагода Ололовска, Олгица Каскаревска и Стефан Симовски. Проектот на учениците од ова скопско училиште се пласира помеѓу десетте најдобри проекти на натпреварот и за својот пласман наградените добија соодветни дипломи и прикладен трофеј (автентичен модел на патнички авион Ербас Белуга во размер 1:200).



Натпреварот го организира Сојузното германско здружение за воздушна и вселенска индустрија од Берлин во соработка со Сојузното министерство за економија и енергија на Германија, Сојузното министерство за образование и истражување на Германија, Луфтханза Техник АД и концернот ЕАДС (во чиј склоп влегува и познатиот производител на патнички авиони Ербас). Конечната одлука во врска со наградите на овој екипен меѓународен натпревар за ученици од трето и четврто одделение ја донесе деветчлено стручно жири. Подетални информации во врска со натпреварот може да најдете на официјалната веб-страница на организаторот на натпреварот www.skyfuture.de




Во името на деветчленото стручно жири на наградените ученици од ООУ „Лазо Трповски“ им се обрати раководителот на натпреварот Тим Е. Бранд кој меѓу другото истакна:

„Ви благодарам за прекрасниот проект. Не е важно што не стоите највисоко на пиедесталот затоа што и вие сте меѓу наградените на натпреварот. Да така е, радувајте се, затоа што и вие освоивте награда! Наградени сте затоа што вашиот проект е фантастичен, затоа што се забавувавте додека го работевте и затоа што сте одлични тимски играчи. Се разбира сите финалисти на натпреварот освојуваат награда! Вашата награда е летачки трофеј за целото одделение и диплома за секого од вас. Се надевам дека учеството на натпреварот ви беше толку забавно како што му беше и на стручното жири кога го оценуваше вашиот проект“.
Учеството на овој меѓународен натпревар ООУ „Лазо Трповски“ го реализираше како воннаставна активност.



Стефан Симовски, координатор на проектот

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование