X
 27.07.2018 Живот

Волонтирањето може позитивно да влијае врз многу аспекти од вашиот живот

Науката докажа – волонтирањето е навистина здраво. Чувството дека им се помага на другите, без ништо да се добие за возврат освен позитивен сентимент, може поволно да влијае врз вашиот интелектуален напредок.

Без оглед дали се занимавате со хуманитарна работа и помош на заедницата, или сакате да волонтирате во некоја компанија каде за возврат ќе добиете непроценливо работно искуство, а можеби и работно место, бидете сигурни дека нема да се покаете.

Многу познати луѓе своите кариери ги почнале на овој начин, а доколку и натаму не сте сигурни за оправданоста на волонтирањето, еве неколку корисни работи со кои ќе се стекнете при ваквата активност.

Ќе се чувствувате како да имате повеќе време

Професорот Вартон од „Харвард“ спроведе истражување и изведе заклучок дека речиси сите луѓе кои се занимавале со волонтерска работа имале чувство дека имаат повеќе слободно време. Оваа студија има слични резултати како и студијата која покажа дека луѓето кои одвојуваат парични средства за хуманитарни проекти се чувствуваат побогати.

Доколку своето време им го посветувате на другите, нема да имате чувство дека сте го потрошиле, туку добрата искористеност ќе придонесе да бидете позадоволни и помотивирани да работите повеќе и подобро.

Ќе развиете нови вештини

Доколку се определите за волонтирање во компанија каде ќе можете да ги усовршите вашите вештини, тогаш не ви треба никаква дополнителна придобивка. Освен основните знаења кои ќе ги стекнете ќе имате и можност да научите и многу други работи за кои претходно не сте знаеле дека ќе ви требаат.

Практиката е многу поразлична од теоријата и дури откако ќе почнете да ги применувате вашите теоретски знаења, ќе сфатите колку голем простор има за напредување и што сè ќе ви биде потребно за да продолжите со работа откако ќе ви заврши волонтерскиот стаж.

Ќе станете поздрави

Верувале или не, постојат научни докази дека оние што волонтираат всушност живеат подолго, имаат помали шанси да заболат од некое срцево заболување и речиси никакви шанси да заболат од депресија. Како причина се наведува дека на овај начин луѓето всушност го подобруваат мислењето за себе, што секако влијае врз развојот на моралот, ентузијазмот и желбата за напредок.

Ова општо позитивно чувство може да има само добри ефекти на комплетниот организам, па со самото тоа и вашето здравје ќе се подобри, сугерира истражувањето кое го спроведе Националниот совет за општествени работи во САД.

Ќе ги проширите вашите видици

Иако најголемиот број луѓе се определуваат да ги усовршуваат само вештините од нивната струка, доколку имате простор за експериментирање, обидете се да се посветите на некоја друга област.

На овој начин ќе имате можност да ги проширите вашите видици и да научите нови вештини кои можеби ќе ве поттикнат да ја смените струката. Исто така, можноста да излезете од рамката на она што го познавате, да запознаете нови луѓе и нивните искуства, сето тоа е потврда дека сте направиле добар избор да си дозволите вакво искуство.

Доколку не знаевте, младите луѓе кои во својата работна биографија имаат назначено дека волонтирале имаат поголема шанса добро да поминат на интервју во споредба со другите. Менаџерите за човечки ресурси ги ценат ваквите иницијативи, затоа што и самите поминале низ дел од обука кој се однесува токму на ова – несебично подарување на своето време и вештини на други лица.

На овој начин најдобро се развивате  како иден професионалец. Доколку овие сознанија ви звучат интересно и сакате вашиот развоен пат така да продолжи, тогаш добро е да запишете обука од областа на управување со човечки ресурси и да тргнете нанапред во својата нова кариера. 
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот