X
 27.08.2020 Живот

Последици од излевањето на нафтата: 17 мртви делфини на брегот на Маврициус

Најмалку 17 мртви делфини беа пронајдени на брегот на Маврициус, што покрена голема дебата за тоа дали смртта настанала поради неодамнешното излевање на нафта во океанот.

Борците за заштита на животната средина наведуваат дека смртта на делфините настанала или поради излевањето на нафтата од јапонскиот брод или поради потопувањето на дел од бродот, одобрено од властите.

Но, како што велат властите, на прв поглед се чини дека смртта не е поврзана со излевањето. Од министерството за риболов велат дека најмалку два делфини биле каснати од ајкула.

Реткост е да се најдат толку мртви делфини истовремено. Ова се првите пријавени смртни случаи на делфини по излевањето на нафтата. Досега биле најдени мртви многу риби и ракови.

- Да се разбудиш наутро и да видиш мртви делфини на брегот е полошо од кошмар - вели Нитин Јеха.

- Видов околу осум до десет делфини. Дали има повеќе во лагуната? - додава тој.

Иако голем дел од делфините биле пронајдени мртви, некои од оние што се појавиле на брегот биле слаби или умирале таму.

delfin
Фото: Nitin Jeeha

Дали смртта настанала поради излевањето на нафтата?

Поборниците за заштита на животната средина велат дека тоа е причината.

Бродот „МВ Вакашио“ на 25 јули пловел во сините води. Областа содржи мочуришта определени како места од меѓународно значење од конвенцијата за мочуришта „Рамсар“.

Океанографот Васен Каупајмут изјави дека делфините мирисале на гориво.

- Според мене, оваа ситуација ќе продолжи да се влошува со текот на времето - вели тој.

Екологистот Сунил Доваркасинг вели дека или истурањето на нафта или тонењето на дел од бродот ги предизвикало смртните случаи.

- Ова веројатно ги вознемири морските цицачи во нивното природно живеалиште. Ќе има последователни ефекти, ова е само почеток - вели тој.

Здружението „Гринпис“ од Африка предупреди дека илјадници животински видови се изложени на ризик, а ќе има и сериозни последици врз економијата, безбедноста на храната и здравјето на луѓето на Маврициус.

Извор: ВВС
Фото: Nitin Jeeha
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот