X
 27.08.2026 Живот

На одмор со мирна глава - подготовката што може да ви го спаси летувањето!

Еден убод од морски еж можеше да им го расипе одморот, но патничкото осигурување ги спаси од непланиран трошок. Семејството Николовски од Битола уживаше на одмор во Крф кога нивната 10-годишна ќерка згазна на еж. Невнимателни туристи на плажата извадија морски ежoви кои ги оставија на брегот, а ветрот ги затрупа со песок. Девојчето закачи десетина боцки на ногата, плачеше и беше вознемирено. Се собраа и други туристи да помогнат. Најдоа и пинцета, но колку што тргаа по боцките, тие сѐ повеќе се вкопуваа во месото.

Одморот што за миг се претвори во итна медицинска интервенција


- Мораше да се оди на лекар. Во близина имаше амбуланта, па докторот ѝ инјектира локална анестезија во стапалото и детално ги исчисти игличките. За среќа, имавме извадено здравствено патничко осигурување, па плативме некое евро. Доколку немавме осигурување, докторот ни рече дека немаше да нѐ спасат ни 200 евра - раскажува битолчанецот Виктор Николовски.

Другиот ден стапалото на девојчето почна да заздравува, па семејството мирно си го продолжи одморот.
Ова е само една од ситуациите што никој не ги планира, но можат целосно да го променат текот на долгоочекуваното и заслужено патување. Токму затоа и лекарите и осигурителните компании сè почесто предупредуваат дека добрата подготовка не значи само резервиран хотел и спакуван куфер, туку и план за непредвидени ситуации.

Одмор без план Б може скапо да чини


Од осигурителното друштво „Триглав Осигурување“, кое има шестдецениска традиција во работењето, посочуваат дека патниците најчесто бараат помош кога ќе се соочат со ненадејни здравствени проблеми или повреди: висока температура, стомачни проблеми, алергиска реакција, повреда при пад, убод од инсект или морски еж.

- Кога ќе се случи нешто такво далеку од дома, луѓето најчесто имаат две грижи: како да најдат лекар и колку ќе ги чини тоа. Во такви ситуации здравственото патничко осигурување им овозможува на осигурениците побрзо да добијат соодветна медицинска помош и да избегнат високи непланирани трошоци во странство - велат од „Триглав Осигурување“.

Неколку евра за патничко осигурување можат да заштедат илјадници евра

Осигурувањето е особено важно при посериозни ситуации кога е потребна итна медицинска помош или хоспитализација.

- Се случува поради непредвидени сериозни здравствени состојби, кои бараат итна медицинска помош, хоспитализација, а понекогаш и хируршка интервенција, да се искористи и целокупниот лимит на осигурителната полиса. Токму во такви случаи неколку евра вложени во здравствено патничко осигурување можат да значат заштеда од неколку илјади евра - додаваат од „Триглав Осигурување“.



На прашањето колку чини лекарски преглед во странство без осигурување, не може да се даде единствен и прецизен одговор. Цените на здравствените услуги значително се разликуваат од држава до држава, како и од видот на потребната медицинска помош. Но, во секој случај, цената на здравственото патничко осигурување е неспоредливо и повеќекратно пониска од трошоците при користење здравствена услуга во странство.

- Дури и еден обичен лекарски преглед, терапија или дополнително испитување може да чини многу повеќе од целата полиса за патничко осигурување, особено ако е потребна итна интервенција, хоспитализација или медицински транспорт. Затоа, патничкото осигурување е мала, но многу важна инвестиција пред секое патување, особено ако се има предвид дека индивидуално здравствено патничко осигурување Travel Smart за фиксни 7 дена во соседни држави чини 3,5 евра, за Европа чини помалку од 6 евра, а најнискиот износ на здравствена услуга чини околу 70 евра - објаснуваат од „Триглав Осигурување“.

Пред да тргнете, проверете што навистина покрива осигурувањето


Од „Триглав Осигурување“ советуваат пред да се купи полисата, внимателно да се провери што точно опфаќа, колкав е лимитот и кои се исклучоците од осигурувањето. Особено е важно пред патување да се провери дали полисата важи за земјата во која се патува, дали го покрива целосно времетраењето на патувањето и кои медицински услуги се вклучени.

- Многумина претпоставуваат дека полисата ги покрива сите здравствени услуги. Всушност, таа е наменета за ненадејни и непредвидени здравствени состојби што ќе настанат за време на патувањето. Важно е и патниците да знаат на кој начин можат да пријават штета, кој е контактот на асистентската компанија каде што треба да се обратат за помош и кои документи треба да ги зачуваат доколку користат здравствена услуга во странство - медицински извештаи, сметки и потврди за платени трошоци. Затоа, препорачуваме пред патување внимателно да се прочитаат условите на полисата и да се знае како да се постапи доколку има потреба од лекарска помош - нагласуваат од „Триглав Осигурување“.

Осигурувањето не се купува откако ќе настане проблемот


Мора да се има предвид, нагласуваат од компанијата, дека полисата за патничко осигурување треба да се склучи пред започнување на патувањето.

- Се случува патниците да заборават навреме да купат осигурување и да се обидат да ја склучат полисата откако патувањето започнало. Во таков случај договорот за осигурување се смета за ништовен. Затоа е многу важно полисата да биде склучена пред заминување, со точен период на важност, што го покрива целото патување.

Од „Триглав Осигурување“ појаснуваат дека патничкото осигурување е поширок поим и го опфаќа здравственото патничко осигурување.

- Здравственото патничко осигурување е насочено кон покривање на трошоците за итна медицинска помош во странство – лекарски прегледи, лекови, испитувања, хоспитализација и други неопходни здравствени услуги. Патничкото осигурување е поширок пакет кој, покрај здравствената заштита, може да вклучува и дополнителни покритија, како надомест за изгубен багаж, заштита на домот додека сте на патување или специјални пакети за зимски спортови. Затоа секогаш советуваме граѓаните да проверат што точно содржи полисата што ја купуваат и дали одговара на нивните потреби - додаваат од осигурителната компанија.



Д-р Јаворка Роме

И лекарите советуваат при патување задолжително да извадите патничко осигурување

- Во патната аптека патниците задолжително треба да носат таблети против температура и болка, пробиотик, орален раствор за рехидратација-електролити, средство за дезинфекција, фластер, стерилна газа, крем со SPF 30/50, препарат за смирување на лесни изгореници, антихистаминик за алергиски реакции, гел-крем за убоди од комарци и други инсекти. Секако, тие што земаат терапија за хронични болести со себе треба да ја носат целокупната терапија во доволна количина за целиот одмор. Не треба да се носи антибиотик „за секој случај“ затоа што антибиотик не се зема без консултација и преглед од лекар - вели д-р Јаворка Роме, специјалист по семејна медицина од Битола.

Но и нејзина препорака е при секое патување надвор од нашата држава задолжително да се има патничко осигурување.
Одморот треба да остане убав спомен, а не список со непланирани трошоци. Иако никој не може да ги предвиди сите околности, неколку едноставни подготовки пред тргнувањето можат да направат голема разлика кога работите нема да се одвиваат според планот. Една од нив е задолжителното вадење патничко осигурување. Бидете безбедни и безгрижни додека патувате!

Насловна фотографија: magnific
фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот