X
 27.09.2023 Наука

Ова е храната што поттикнува среќа, според науката

Поголемиот дел од животот го поминуваме барајќи ја среќата. Без разлика дали станува збор за терапија, рутини за вежбање или медитации, сите ние сакаме да внесеме повеќе мир и радост во нашите животи. Но, кога размислуваме за работите што нѐ прават среќни, нашата исхрана обично не е на врвот на листата.

Сепак, храната што ја јадеме игра голема улога во тоа како се чувствуваме. Во изминатата деценија се појавија истражувања кои ја поврзуваат исхраната со менталната благосостојба, а одредени видови храна се поврзани со зголемен серотонин во нашиот мозок. Серотонинот, познат и како „хормон на среќата“, игра важна улога во регулирањето на нашето расположение. Ниското ниво на серотонин може да предизвика нестабилност на нашето расположение.

Во продолжение ви нудиме листа со намирници што ќе ве направат среќни, според науката.

1. Темно чоколадо

Ја знаете типичната сцена во филмовите каде што девојка седи на каучот облечена во тренирки и јаде чоколаден сладолед. Излегува дека Холивуд е во право за нешто. Истражување покажа дека темното чоколадо може позитивно да влијае врз нечие расположение. Постојат три главни компоненти кои се наоѓаат во чоколадото што се поврзани со чувството на среќа: триптофан, теобромин и фенилетилаланин. Триптофанот е аминокиселина која мозокот ја користи за производство на серотонин. Теоброминот е слаб стимуланс кој може да го подобри нашето расположение. Во меѓувреме, фенилетилаланинот е друга аминокиселина што телото ја користи за производство на допамин, кој дејствува како антидепресив.

2. Банани


Ако постои храна за добро расположение, тогаш тоа е бананата. Но, можеби не на начинот на кој мислите. Иако бананите одржат серотонин, тој не може да ја премине крвно-мозочната бариера. Но, бананите можат да играат клучна улога во регулирањето на вашето расположение на поиндиректен начин. На вашето тело му треба витамин Б6 за да создаде серотонин, а бананите се особено богати со оваа хранлива материја. Една банана со средна големина содржи до 0,4 милиграми витамин Б6, што претставува приближно 25 отсто од дневниот препорачан внес.

kokos
Фото: Freepik

3. Кокос


Ако ви паднало расположението во текот на зимските денови и сонувате за топли денови, кокосот може да ви донесе добро расположение. Кокосот е полн со триглицериди што може да помогнат во зголемувањето на вашата енергија. Друга причина зошто кокосот се смета за храна за добро расположение е тоа што една студија од 2017 година покажа дека триглицеридите што ги има во кокосовото млеко може да ја намалат анксиозноста. Потребни се повеќе истражувања за целосно да се разбере врската помеѓу анксиозноста и кокосот.

4. Кафе

Сега можете да го оправдате внесот на кафето (се разбира, во умерени количини) бидејќи кафето го прави светот посреќно место. Метаанализа од 2016 година заклучи дека консумирањето кафе е значително поврзано со намален ризик од депресија. Друго истражување заклучи дека кафето (и со кофеин и без кофеин) значително го подобрило расположението на испитаниците во споредба со оние што внесувале плацебо-пијалак.

5. Авокадо


Едно е сигурно: авокадото нè прави посреќни. Ова овошје е преполно со хранливи материи, вклучително и холин, кој телото го користи за регулирање на нервниот систем и расположението. Истражување од 2020 година покажа дека здравите масти во авокадото се поврзани со намалена анксиозност кај жените. Друга одлична причина да консумирате повеќе авокадо е тоа што е богато со витамин Б, кој е поврзан со пониски нивоа на стрес.

6. Бобинки

Дали знаевте дека консумирањето повеќе овошје е поврзано и со подобро ментално здравје? Метаанализа од 2016 година покажа дека внесот на овошје и зеленчук е поврзан со подобрување на менталното здравје. Особено бобинките се богати со антиоксиданси, познати и како флавоноиди, кои може да ги намалат симптомите на депресија. Друга студија каде што на испитаниците им бил даден сок од боровинки покажа ветувачки резултати кои го поврзуваат внесот на боровинки со побавно когнитивно опаѓање кое е поврзано со стареењето.

jagotka
Фото: Freepik

7. Ферментирана храна

Храната што поминува низ процес на ферментација како кисела зелка, кефир, комбуха и јогурт ви помага да ги одржувате цревата здрави, а исто така може да ви помогне да го подобрите вашето расположение. Процесот на ферментација создава пробиотици, кои пак ги поддржуваат здравите бактерии во цревата. Но, каква врска имаат вашите црева со вашето расположение? Голема. До 90 отсто од серотонин произведен од вашето тело се создава од цревните клетки. Така, јадењето ферментирана храна промовира подобро производство на серотонин.

8. Печурки

Печурките се преполни со витамин Д, кој има антидепресивни својства и може да го подобри вашето расположение. Ако сте веган или вегетаријанец, имате среќа бидејќи печурките се единствениот извор на храна од неживотинско потекло со значителна количина на витамин Д (телото лесно може да го апсорбира). За да добиете најголема корист од витаминот Д од печурките, изложете ги на сончева светлина неколку часа пред да ги приготвите.

Извор: Cnet.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука