Мајмуните од видот капучини се познати по својата интелигенција и снаодливост. Но, научниците неодамна забележале вознемирувачко однесување кај овие примати - киднапирање бебиња од друг вид мајмуни.
Зои Голдсборо, истражувач од Институтот „Макс Планк“ за однесување на животни, првпат во јуни 2022 година забележала снимка од млад капучин мажјак како носи бебе од друг вид, однесување што досега не било документирано кај овој вид.
За да утврдат дали станува збор за изолиран случај, Голдсборо и нејзиниот тим повторно ги прегледале снимките од нивните камери поставени на островот Хикарон, кај пацифичкото крајбрежје на Панама. Откриле уште еден случај во јануари 2022 година. Сепак, другите мажјаци не почнале веднаш да го имитираат ова однесување туку пет месеци подоцна.
На снимките биле забележани вкупно 11 случаи на млади капучини како носат бебиња од друг вид. Тие не ги повредувале бебињата, ниту им посветувале посебно внимание. Но, бидејќи мажјаците не можат да произведуваат млеко, неколку од овие бебиња починале од глад.
Научниците не можат да објаснат зошто тие киднапираат бебиња од друг вид. Бидејќи исхраната на двата вида е различна, не се работи за конкуренција околу храна. Исто така, однесувањето не предизвикувало позитивен одговор од другите членови на групата.
Авторите на истражувањето претпоставуваат дека досадата може да е главниот двигател. Капучините на островот Хикарон немаат природни предатори и се соочуваат со мала конкуренција, па можеби бараат ментална стимулација преку експериментирање со нови форми на однесување.
Сепак, приматологот Сузан Пери од Универзитетот на Калифорнија, која не учествувала во истражувањето, не се согласува со оваа теорија. Таа вели дека мажјаците од овој вид често киднапираат бебиња и од сопствениот вид со цел да изградат блиски врски и да ги одгледаат како „сојузници“ или „следбеници“.
Групата капучини на островот Хикарон е навистина уникатна. Освен интересот за млади од друг вид, тие се и единствените познати мајмуни што редовно користат камени алатки.
Извор:
Mentalfloss.com
Фото:
Wikipedia