Самопрегледот на дојките се препорачува еднаш месечно, по можност неколку дена по завршувањето на менструалниот циклус. Редовноста е клучна бидејќи само така може навреме да се забележат евентуални промени, вели Маја Стојановиќ-Чрчева, специјалист радиолог
Ракот на дојка кај младите жени повеќе не е исклучок, туку се јавува со растечки тренд и зазема значајно место во јавноздравствените приоритети. Сепак, точни податоци за млади жени со рак на дојка во Македонија нема. Она што е важно да се потенцира е дека е потребна подобра едукација и подигнување на свеста кај младите жени за ризиците и значењето на раната детекција. Важни се редовните прегледи и скрининг. Младите жени треба да бидат охрабрени често да го самопрегледаат своето тело, да водат здрав начин на живот, да обратат внимание на ризик-факторите.
Воведување национален регистар на пациенти со рак
Здружението за помош и поддршка на пациенти со хематолошки заболувања и нивни негуватели - ХЕМА-ОНКО ни потврди дека е забележано зголемување на бројот на млади жени со рак на дојка – дека е потребна едукација, рана детекција и системски пристап.
- Во Македонија, за жал, не постојат официјални податоци за бројот на млади жени заболени од рак на дојка. Тоа е еден од најголемите проблеми за кои како здружение постојано се залагаме – воведување национален регистар на пациенти со рак, кој е неопходен за следење на трендовите, планирање на превенцијата и подобрување на третманот. Сепак, ако се повикаме на светските податоци, во последните пет години ракот на дојка кај жени на возраст од 20 до 49 години покажува загрижувачки тренд на пораст. Стапката на инциденција се зголемува за околу 1,4 % годишно во периодот меѓу 2012 и 2022 година. Денес, ракот на дојка е најчестиот тип рак кај младите жени во светот, со повеќе од 244.000 нови случаи годишно. Иако бројките сè уште се пониски во споредба со постарите возрасни групи, токму кај младите женски пациенти растот е најбрз, што со сигурност значи дека ниту Македонија не е исклучок од овој тренд - споделуваат од ХЕМ-ОНКО.
Потребни се едукација и национална скрининг-програма
Едукацијата во Македонија е клучен и, за жал, недоволно застапен сегмент. Нашата земја итно има потреба од поголема и посеопфатна едукација, не само за подигнување на свеста, туку и за прифаќање и разбирање на болеста.
- Во моментов, скрининг-програмите ги опфаќаат жените на возраст од 40 до 69 години, но тоа не е доволно. Ние како здружение активно се бориме ехо-дијагностиката да стане дел од националната скрининг-програма за жени на возраст од 30 до 40 години бидејќи токму во оваа група сè почесто се откриваат случаи на рак на дојка. Раната детекција започнува со самозапознавање. Од најрана возраст треба да ги научиме девојчињата што излегле од пубертет добро да го запознаат своето тело. Ако секој месец одвојат две минути за самопреглед, ќе знаат сами да ја препознаат секоја најмала промена и навремено да побараат стручна помош. Како совет, девојките што имаат фамилијарна анамнеза за рак, хормонални проблеми или се подложени на хормонска терапија, треба да разговараат со своите гинеколози и да побараат упат за ехо-преглед. Раната дијагноза може да спаси живот - советуваат од ХЕМА-ОНКО.
Тие имаат порака до младите пациентки и жените што се соочуваат со болеста:
-Најмладите пациентки што се соочуваат со оваа болест треба отворено да разговараат со своите онколози за стравовите, за опциите во третманот и да побараат психолошка поддршка, која е еднакво важна како и медицинскиот дел од лекувањето. ХЕМА-ОНКО стои на располагање за поддршка, информации и можност за поврзување со други жени кои поминале низ истото. Сè е полесно кога се споделува. Како што често велиме и се мотивираме дека заедно сме секогаш посилни - подвлекуваат од здружението.
Повисок ризик кај девојки што ја добиле првата менструација пред 12-годишна возраст
И според Маја Стојановиќ-Чрчева, специјалист радиолог, изминативе години се забележува опаѓање на старосната граница на пациентки што доаѓаат на преглед, но и на зачестени заболувања од канцер.
- Според нашата практика во Центарот за дојка, во последните години сè почесто се забележува појава на рак на дојка кај помлади жени, иако ова заболување традиционално најмногу ги погодува жените над педесеттата година од животот. Точни статистички податоци за возраста на дијагностицираните пациентки во нашата земја не се објавуваат детално, но клиничкото искуство и податоците од регионот и од светот укажуваат дека возрасната граница постепено се спушта − сè почесто се дијагностицираат случаи кај жени во четириесеттите, триесеттите, па дури и во дваесеттите години - вели Маја.
Ризикот од појава на ова заболување се зголемува со возраста, со генетската предиспозиција и со одредени хормонални фактори. Жените што ја добиле првата менструација пред 12-годишна возраст или влегле во менопауза по 50-тата година имаат нешто повисок ризик. Дополнително, немањето деца или првото породување по 30-тата година, како и земањето хормонска терапија, можат да придонесат за зголемување на ризикот. Густото ткиво на дојката, појавата на рак на дојка или рак на јајчници кај блиски роднини, како и претходни заболувања на дојката, исто така се сметаат за фактори на ризик, објаснува д-р Маја.
Покрај биолошките и наследните фактори, важна улога има и начинот на живот. Неправилната исхрана со висока содржина на масти и шеќери, прекумерната телесна тежина, честата консумација на алкохол, пушење и физичка неактивност се меѓу најчестите навики што можат да го зголемат ризикот од рак на дојка. Изложеноста на радиоактивно зрачење, како и стресот и недоволниот одмор, дополнително можат да влијаат врз здравјето на дојките.
Едукација во училиштата
Превенцијата, редовните прегледи и здравите животни навики остануваат најсилната заштита. Денес, кога информациите се лесно достапни и сè е дигитализирано, речиси е невозможно младите девојки да не слушнале за важноста на самопрегледот на дојките и раната превенција.
- Живееме во време кога младите имаат пристап до огромен број извори – преку интернет, социјални мрежи, инфлуенсери, кампањи и едукативни содржини. Сепак, тоа не секогаш значи дека информациите се доволно добро разбрани, правилно интерпретирани и применети во практика. Ако се земат предвид податоците од Националната студија за рак на дојка од 2014 до 2022 година, покажуваат дека во 2022 година, споредено со 2021 година, е утврдено зголемување на грубата стапка на инциденција на рак на дојка кај жените и тоа: кај оние со живеалиште во град порастот изнесувал 1,86 проценти, а кај жените со живеалиште во село порастот бил значително поголем 16,01 проценти. Податоците укажуваат на растечки тренд и на потреба за посистематско следење на ова заболување по возрасни категории, со цел навремена превенција, едукација и скрининг кај младата женска популација - подвлекува докторката.
А во училиштата и на факултетите, оваа тема сè уште не е систематски вклучена во редовната едукација. Вообичаено се обработува во рамките на здравствени предавања, проекти или кампањи, но ретко како континуиран дел од наставната програма.
- Затоа, би било многу важно овие содржини да станат редовен дел од здравственото образование – не само како медицински факт, туку и како разговор за лична грижа, самодоверба и превенција - истакнува нашата соговорничка.
Самопреглед неколку дена по завршувањето на менструалниот циклус
Самопрегледот на дојките се препорачува еднаш месечно, по можност неколку дена по завршувањето на менструалниот циклус. Редовноста е клучна бидејќи само така може навреме да се забележат евентуални промени.
- Самопрегледот треба да започне уште во периодот на адолесценција, со појавата на првата менструација. Така младите девојки постепено ќе ја запознаат својата анатомија, ќе се навикнат на редовна грижа и ќе можат полесно да препознаат нешто што е различно.
Комбинацијата на самопреглед, редовни лекарски контроли, ултразвук и мамографија претставува најсилна форма на заштита. Колку порано се открие ракот на дојка, толку се поголеми шансите за успешно лекување и закрепнување. Имам искуство со млади пациентки, и тоа се најтешките, но и највпечатливи приказни. Кога болеста ќе се појави во дваесеттите или триесеттите години, таа ги прекинува најважните животни планови, студии, кариера, мајчинство. Сепак, тоа што најмногу фасцинира е нивната внатрешна сила, зрелост и решителност да живеат. Тие се борат со огромна храброст, често мотивирајќи и други околу себе. Од нивната перспектива, борбата не е само медицинска, туку и длабоко лична, тоа е процес на прифаќање, трансформација и ново вреднување на животот - ни споделува Маја.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.