X
 28.02.2024 Живот

Се брише графата „националност“ од изводот на матичната книга на родените, венчаните и умрените

Уставниот суд го укина делот „националност“ во три члена од матичната книга на родените, на венчаните и на умрените. Судот оцени дека барањето на овој податок од граѓаните при впишувањето во матичните книги е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување на национална припадност предвидена со Уставот.

- Овој член од Уставот вклучува не само право на поединецот слободно да одлучи да се изјасни за сопствената националност, туку и право да не се изјасни по ова прашање, вклучително и да ја промени декларираната националност, што не беше возможно со одредбите кои денеска се укинати - изјави Христина Беловска, портпаролка на Уставниот суд, во изјава за медиуми по денешната седница.

Дополни дека Уставниот суд ја донел одлуката поаѓајќи од фактот дека станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот и никој не може да биде принуден тоа чувство да го манифестира во јавноста и уште повеќе да биде предмет на задолжително институционално администрирање во јавни исправи, со оглед дека Уставот преку член 18 ја гарантира тајноста и сигурноста на личните податоци на граѓаните.

- Дополнително, преку членот 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста, неговиот семеен и личен живот, на достоинството и на угледот - рече таа.

Со оглед на денешната одлука, посочи Беловска, повеќе не постои правен основ во матичните книги за родени, венчани и умрени да се бара податок за националноста.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот