X
 28.03.2020 Живот

И среќата е заразна: грижата за другите може да направи да се чувствуваме подобро

Кризата со коронавирусот ѝ дава можност на планетата за позитивни промени, која не смее да ја пропушти, сметаат експертите вклучени во осмиот годишен извештај за среќата.

Извештајот, кој ги рангира земјите според среќата, вклучува клучни индиции за благосостојба што ќе помогнат во неделите и месеците во текот на кризата, вели професор Ричард Лејард, директор на програмата „Благосостојба“ во Центарот за економски перформанси.

Финска останува на првото место трета година по ред. Извештајот, составен од група независни експерти и произведен од Мрежата за решенија за одржлив развој на Обединетите нации, користи шест варијабили за мерење на квалитетот на животот во повеќе од 150 земји низ светот: БДП по глава на жител, социјална поддршка, здрав животен век, слобода, дарежливост и отсуство на корупција.

Истражувањето подолго време покажува дека соработката и социјалната поддршка се фундаментални за среќа. Лејард верува дека кризата со коронавирусот ќе ги забрза промените за кои тој и другите се залагале со децении.

- За да го надминеме ова, мора да развиеме повисоко ниво на социјална одговорност. Некои луѓе ќе треба да останат во карантин, а други ќе треба да ги поддржат за да го направат тоа. Се надевам дека ќе поттикне движење кон повнимателно општество - вели тој.

sreka
Фото: Unspalsh

- Она што го знаеме е дека социјалните фактори и довербата се исто толку важни колку и приходот и добрата здравствена состојба - и тие придонесуваат за психолошката благосостојба на оние што се најтешко погодени - вели Ванеса Кинг, водечки психолог од „Акција за среќа“, организација која е партнер на Светскиот извештај за среќата.

- Во оваа криза потребно е колку што можеме повеќе да создадеме социјална доверба и поддршка и да се поврземе со другите. Преку изолираноста градиме побезбедна иднина - додава таа.

Грижата за другите е клучна, не само за нивната благосостојба, туку и за нашата.

- Можеби мислите дека тоа го правите за другите, но го правите и за себе - додава Кинг.

Според неа, коронавирусот носи нешто од суштинско значење што никогаш порано не било опипливо: во светот нема „нас“ и „нив“, туку само „ние“.

- Станува збор за светска епидемија; сите сме во борба со овој вирус - вели Кинг.

Немоќта не ги прави луѓето среќни, но преземањето контрола, дури и во хаотични околности како пандемија, дава можност да се справиме.

Фото: The Guardian
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот