Во Шпанија и во Португалија денеска снема електрична енергија, по што милиони луѓе останаа без еден од основните ресурси на денешницата. Извештаите посочуваат на проблеми со европската електроенергетска мрежа, но сѐ уште не се знае точната причина.
Официјални извори во Португалија за тамошните медиуми потврдија дека е зафатена целата држава, а слични известувања пристигнуваат и од Шпанија, пренесува „Еуроњуз“.
Меѓународниот аеродром „Барахас“ во Мадрид остана без електрична енергија, а погодени се и телекомуникациите. Во меѓувреме, запреа и другите аеродроми во регионот.
Многу патници останаа блокирани во метроата во шпанската и португалската престолнина, со возови заглавени во тунелите меѓу станиците.
Граѓаните на Андора и делови од Франција што граничат со Шпанија исто така пријавија дека се погодени од проблемот. Проблеми со снабдувањето со електрична енергија се пријавени дури и во Белгија.
Причината сѐ уште не е јасна. Некои медиуми пишуваат дека станува збор за проблеми со европската електроенергетска мрежа, која влијаела врз националните мрежи на Пиринејскиот Полуостров. Исто така, како можна причина се наведува и пожар во Југозападна Франција, кој оштетил високонапонска електроенергетска линија.
Во меѓувреме, шпанската влада организира состанок на кризниот кабинет во седиштето на „Ред електрика“, на кој ќе присуствува и претседателот на тамошната влада Педро Санчез.
Надлежните служби потврдија дека болниците се потпираат на резервни извори на електрична енергија и генератори, кои повеќе часа можат да ја одржуваат основната опрема, како што се вентилатори, монитори и други витални медицински уреди.
Се наведува дека некои објекти би можеле да останат без струја, иако тоа не би требало да влијае врз негата на пациентите.
Извор:
Euronews
Фото:
X