Активностите на Дебатниот клуб на УКЛО КОЛОРС – „АргументУМ“ ја покажуваат оправданоста за дебатирање меѓу студентите. Преку дебата тие ги изразуваат своите креативни идеи и ги подобруваат своите академски изведби, но, исто така, ја развиваат својата гледна точка за темата и учат лесно да се справуваат со спротивните ставови.
Низ полемика, студентите учат да ги поврзуваат зборовите и идеите, што доведува до полнозначност на поимите, јасна артикулираност на мислите и размена на спротивставени и убедливи аргументи, посочуваат проф. д-р Виолета Јанушева од Педагошкиот факултет во Битола и проф. д-р Рената Петревска-Нечкоска, од Економскиот факултет во Прилеп, како предлагачки за основање на Дебатниот клуб „АргументУМ“.
Според Јанушева, додека дискутираат студентите почнуваат подлабоко да ги разбираат општеството и светот во кои живеат и се уверуваат во својата сопствена способност без страв да изразуваат различни идеи, а тоа е вештина што може да се употреби во различни аспекти од нивниот секојдневен живот, во професијата и во целокупното живеење како граѓани на светот. Во таа насока, „АргументУМ“ започна дискусии на актуелни теми што вклучуваат две спротивставени страни (за и против), со кои промовира решавање проблеми и развива критичко и креативно мислење.
Професорката Рената Петревска-Нечкоска, воедно академска раководителка на УКЛО КОЛОРС, осврнувајќи се кон активностите на „АргументУм“, посочува дека станува збор за современ дебатен клуб. Основните традиционални пристапи се надополнуваат со елементите што ги носат новото време и Европската универзитетска алијанса КОЛОРС. Па така, долгорочно, во активностите на овој дебатен клуб би ги вброиле отворените повици за студентите, кадарот и соработниците, истражувачката и подготвителната работа за следното: видот на дебатата, изборот и формулацијата на темата, конкретизацијата на темата, изборот и формулацијата на тезата, за јазикот, стилот, публиката, целта, градењето став, кохеренцијата меѓу зборовите, речениците и целините, сигналите за поврзување, целината, видовите целини, мислењата, фактите, аргументите, проблемски ориентираните теми, предизвиците и вежбите.
Исто така, дебатниот клуб е отворен за учество на соработници и дискутанти од широкиот екосистем на чинители во високото образование и општеството бидејќи ја содржи и интернационалната компонента, преку комбинираната комуникација со партнерите во Алијансата КОЛОРС, инклузивноста во пристапот во поглед на јазиците (говорни, знаковни) и преку отвореното поле за експериментирање со технологијата и пристапите, како и преку дебатните настани, симулациите на преговори, состаноците, средбите.
Дебатниот клуб и панел-дискусиите покажуваат дека студентите на УКЛО се охрабруваат да размислуваат критички, да се изразуваат јасно, да ја јакнат медиумска писменост и да развиваат лидерски вештини што се важна подготовка за современиот пазар на труд.
(Комерцијална објава)