X
 28.05.2023 Живот

Начинот на кој пишувате на тастатурата и го користите глувчето открива дали сте под стрес

Начинот на кој луѓето пишуваат на тастатура и го користат компјутерскиот глушец може да го открие нивото на стрес подобро од отчукувањата на срцето, велат швајцарски научници кои веруваат дека нивниот модел може да спречи хроничен стрес.

- Начинот на кој пишуваме и го движиме глувчето е подобар показател за нивото на стрес отколку отчукувањата на срцето кога станува збор за опкружувањето во канцеларијата - вели Мара Нагелин, математичарка и авторка на истражувањето.

Научниците од Федералниот политехнички универзитет во Цирих набљудувале 90 учесници во лабораторија додека извршувале канцелариски задачи слични на оние што се извршуваат во вистинска канцеларија, како што се планирање состанок или анализа на податоци. Тие го снимиле движењето на компјутерското глувче и пишувањето на тастатурата, го мереле пулсот и редовно ги прашувале учесниците во истражувањето колкав стрес чувствуваат.

Дел од учесниците во истражувањето можеле да работат непречено, а половина од групата била прекинувана со пораки за разговор или била повикана на интервју за работа.

Како работат луѓето под стрес?

Научниците открија дека работниците под стрес поинаку пишуваат и поинаку го движат глувчето отколку кога се опуштени.

- Луѓето што се под стрес почесто и понепрецизно го движат глувчето и поминуваат поголеми растојанија на екранот - вели Нагелин.

Исто така, луѓето што се под стрес прават повеќе грешки кога пишуваат, и пишуваат ненадејно, правејќи многу кратки паузи, додека опуштените луѓе пишуваат со помалку прекини, но нивните паузи при пишување се подолги. Врската помеѓу стресот и работата на тастатурата и со глувчето може да се објасни со теоријата на „невромоторна бучава“.

- Зголемувањето на нивото на стрес има негативен ефект врз капацитетот на нашиот мозок да обработува информации. Ова, исто така, важи и за нашите моторни вештини - вели Џасмин Кер, психолог и коавтор на истражувањето.

Се бара решение

Научниците оцениле дека е неопходно да се најдат сигурни начини за откривање на зголемениот стрес. Тие наведуваат дека секој трет вработен во Швајцарија страда од стрес на работното место.

- Луѓето што се под стрес не се свесни дека нивните физички и ментални ресурси се намалуваат додека не стане предоцна - наведуваат авторите.

Тие поставиле модел што сега го тестираат користејќи апликација за податоци собрани од швајцарски вработени кои се согласиле да учествуваат во истражувањето. Резултатите се очекуваат кон крајот на годината.

- Сакаме да им помогнеме на работниците брзо да го идентификуваат стресот, а не да создадеме алатка која ќе им овозможи на компаниите да ги следат вработените - наведуваат авторите.

Извор: Index.hr
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот