X
 28.06.2018 Живот

Атлантскиот Океан се шири

Научниците што проучуваат некои од регионите од океаните што најбрзо се загреваат велат дека промените во тие региони се толку изненадни и големи што наскоро ќе има нова гранка на Атлантскиот Океан, наместо карактеристично заледениот Арктички Океан.

Северниот дел од Баренцовото Море од 2000 година се затоплил екстремно брзо, за 1,5 Целзиусов степен, истакнувајќи се дури и во делот од планетата што најбрзо се загрева - Арктикот.

- Арктикот го нарекуваме жариште на загревањето - вели Сигрид Линд, истражувач во Институтот за морски истражувања во Тромсе, Норвешка.

Сега Линд и нејзините колеги, врз основа на температурата и измерената соленост во текот на летните истражувачки крстосувања, покажаа дека ова затоплување е придружено од промена на карактерот бидејќи Атлантикот го зазема регионот и го претвора во многу поинаков ентитет.

Линд и нејзините колеги нагласуваат дека поделбата меѓу Атлантикот и Арктикот не е само географска, туку и физичка.

Додека јужните делови од Баренцовото Море се поумерени, северниот дел од морето до неодамна ги имаше сите карактеристики на Арктичкиот Океан. Се карактеризираше со морски лед кој, кога ќе се стопеше, помагаше во обезбедувањето ледена капа од свежа вода на површината од океанот. Тоа ја задржуваше внатрешната топлина да не избега во атмосферата, а ја задржуваше и поладната и посвежа вода во погорните слоеви од океанот, а потоплата вода во подлабоките слоеви.

Но, тоа се менува. Сѐ помалку лед оди кон северните делови на Баренцовото Море од повисоките латитуди. Недостигот од лед во Баренцовото Море во последно време е вообичаена карактеристика на дијаграмите. Во овој момент огромен дел од океанот во оваа област, кој традиционално бил покриен со лед, сега е откриен.

Како што ледот се губи, така океанската површина добива помалку свежа вода од топењето. И како што се случува тоа, подлабоките атлантски води се мешаат повисоко и повисоко кон површината, затоплувајќи ги морињата и правејќи ги посолени.

Резултатот, според студијата, е драматична промена во структурата на слоевите на водата во последните години. Арктичките површински води со температура под онаа на замрзнување речиси целосно се исчезнати.

Фото: Science Alert

- Регионот се префрла на атлантската клима и тоа се одвива многу брзо - вели Линд.

Според новите истражувања, тоа се случува бидејќи ледот од Арктичкиот Океан веќе не доаѓа редовно до Баренцовото Море.

- Ако не се поправи внесот на свежа вода, целиот регион наскоро може да има топла и измешана структура на слоевите на водата и да биде дел од атлантскиот домен, што е историски редок момент кога можеме да посведочиме како голема површина на вода целосно се трансформира од арктички во атлантски вид - заклучува студијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот