X
 28.06.2022 Економија

Четирите компании што ја контролираат светската дистрибуција на храна

Шеќерната трска, пченицата, пченката и оризот опфаќаат околу половина од целото светско производство на земјоделски култури. Само неколку земји ги извезуваат овие култури, а со нив тргуваат само четири мултинационални компании. Овие четири компании заработиле многу по растот на цените на житариците поради руската инвазија на Украина.

Станува збор за „Арчер Даниелс мидленд“ (Archer Daniels Midland), „Банги“ (Bunge), „Каргил“ (Cargill) и „Луј Драјфус“ (Louis Dreyfus). Со години овие компании, од кои „Каргил“ и Луј Драјфус“ се приватни, се мистериозни околу плановите, приходите и уделот во пазарот.

Се проценува дека овие компании денес контролираат 80 отсто од кинеските капацитети за преработка на соја, како и целокупното производство на соја. Каде и да се наоѓате и што и да јадете, тешко дека тој производ нема да биде поврзан со некоја од овие четири компании, пишува „Тпортал“.


Фото: Pixabay

„Каргил“ е најголемата американска приватна фирма со седиште во Минесота. Основана во 1865 година, оваа компанија е лидер во трговијата, преработката и дистрибуцијата на најважните земјоделски производи, ѓубрива и месо. Работи и како инвестициски фонд, а годишните приходи ѝ изнесуваат околу 114 милијарди долари. Вработува над 166.000 луѓе во над 66 држави. Компанијата е најголем снабдувач за глобални прехранбени лидери како „Нестле“ и „Унилевер“.

„Луј Драјфус“ била основана во 1851 година и нејзиното седиште се наоѓа во Ротердам. Таа е специјализирана во трговија со жито, шеќер и енергенти, а има подружници во над 100 држави. Компанијата вработува над 22.000 луѓе низ светот, а годишните приходи ѝ се проценети на 120 милијарди долари. Компанијата е најголеми трговец со памук и ориз, а многумина ја сметаат за најголем играч на пазарот за шеќер. Компанијата тргува и со бакар, цинк и олово.


Фото: Pixabay

„Банги“, со седиште во Сент Луис, САД, почнала да работи кон крајот на 19 век како трговец со жито во Јужна Америка. Денес, компанијата е водечки производител на маслодајни семиња и клучен играч на пазарот на ѓубрива, како и најголем продавач на растително масло. Нејзините приходи се проценуваат на над 45 милијарди долари годишно. Според податоци од 2017 г., таа вработувала над 32.000 луѓе во 40 земји.

„Арчер Даниелс мидленд“ е основана во Делавер, а седиштето ѝ е во Чикаго. Минатата година компанијата имала приходи од 85 милијарди долари, а вработува над 38.000 луѓе. Таа тргува со над 270 култури и има над 40 објекти за набавка на култури низ светот. Таа, исто така, ги преработува житариците и маслодајните семиња во производи што се користат во исхраната и другите индустрии.

Извор: Tportal
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија