Швајцарското село Грименц, кое се наоѓа на околу два и пол часа од Женева или Берн, претставува рај за љубителите на скијање и оние што копнеат по мир и тишина, далеку од урбаната врева. Во текот на долгите и студени зими жителите на Грименц преживувале благодарение на традиционалното сирење, направено од млеко збогатено со арома на планински треви, кое созревало со месеци на свежиот алпски воздух.
Овие масивни, тврди тркала од сирење биле спремни за јадење кога температурите најмногу паѓале, а со текот на времето станувале уште поквалитетни. Комбинацијата од сирење, 'ржан леб и топлина од огнот била идеална за враќање на енергијата во суровите зимски денови.
Покрај зачуваната природа и чистиот воздух, високите алпски предели овозможиле развој на специфични обичаи. Антропологот Ивон Преисверк уште одамна забележала необични погребни ритуали во Грименц што ја потсетиле на древен Египет. Таа не била единствената што сакала да открие повеќе за мистериите на ова идилично село.
Во потрага по најстарото сирење на светот, агрономката Моли Макдонах стигнала до подрумот на Жан-Жак Зуфереј, каде што се чуваат сирења стари над сто години.
Сирење за покојните
Зуфереј ѝ открил бизарна, но фасцинантна традиција: „погребни сирења“, изработувани посебно за секој жител уште додека бил жив. Сирењето се чувало до неговата смрт и се сервирало на денот на погребот.
Кравите на починатиот симболично останувале без ѕвончиња како дел од жалоста, а семејството се собирало околу сирењето и виното, споделувајќи спомени за својот ближен.
Традицијата почнала да исчезнува на почетокот на 20 век, но во некои подруми сè уште се чуваат. Во 1944 година, по смртта на бабата на Зуфереј, неговиот татко пронашол две тркала сирење со врежана година на производство - 1870. Наместо да го изедат, семејството решило да го зачува и така продолжила традицијата.
Денес, едно од сирењата во колекцијата има над 150 години. Зуфереј се прашува што ќе се случи со сирењето по неговата смрт, но се надева дека ќе најде музеј или соодветно место каде што ќе се чува ова необично наследство.
Извор:
Punkufer.dnevnik.hr
Фото:
Wikipedia