Во оддалечените дождовни шуми на Северна Австралија е откриен нов вид пајак кој плете свилена мрежа што функционира како катапулт и е специјализирана за фаќање само еден вид мравки.
Истражувачите веруваат дека овој ноќен предатор развил уникатен начин на лов за да се храни со агресивните зелени мравки, кои важат за особено опасен плен за пајаците.
Иако сè уште нема официјално научно име, научниците го нарекле малиот пајак „балиста“, по древното оружје за исфрлање камења.
Според водечкиот истражувач, професорот Аџај Нарендра, замката користи исклучително голема сила за да ја исфрли мравката во поголема мрежа, при што таа е изложена на Г-сила 15 пати поголема од онаа што ја доживуваат пилотите на борбени авиони.
Истражувачот Јонас Волф објасни дека механизмот веројатно еволуирал како високо специјализиран начин што му овозможува на пајакот да избира опасен плен еден по еден и да го оддалечи од мравјалникот.
- Мравките имаат хемиска одбрана, а некои видови можат и да боцкаат. Освен тоа, брзо повикуваат други мравки како засилување за да се справат со предаторите - вели Нарендра.
Тимот од Универзитетот „Маквори“ во Австралија поминал десет ноќи во тропските дождовни шуми на Северен Квинсленд снимајќи го однесувањето на пајакот со брзи и инфрацрвени камери.
Денот го минува под лисјата
Пајакот „балиста“ живее во дрвја населени со агресивните зелени мравки „екофила смарагдина“. Преку ден се крие во мрежи сместени на долната страна на листовите, а по зајдисонце се спушта околу 50 сантиметри до лист, гранка или шумска површина, каде што со свилена нишка се прицврстува за подлогата. Потоа со часови гради конусна структура од десетици затегнати линии, околу кои обвиткува потенка свила и ја затегнува нагоре.
Научниците забележале дека зелените мравки се приближуваат до замката и ја гризат, со што го активираат механизмот. Пленот потоа се исфрла во мрежата на пајакот со екстремно забрзување.
Истражувачите утврдиле дека зелените мравки биле единствениот плен што пајакот го фаќал, дури и кога во близина биле пуштени други ноќни мравки. Тие претпоставуваат дека пајакот додава феромони во замката за да ги привлече и испровоцира токму зелените мравки.
- Ова е без преседан. Се чини дека ова е единствениот познат случај во кој е создадена пајажина за фаќање само еден вид плен и механизмот го активира самиот плен, а не предаторот - изјави Нарендра.
Пајакот првично го забележал биомедицинскиот истражувач и фотограф Грег Андерсон, кој исто така се занимава со проучување на пајаците.
Извор:
Atvbl.rs
Фото: Screenshot/YouTube