X
 28.08.2025 Живот

Човекот ја губи врската со природата: Научниците предупредуваат на сериозни последици

Врската на луѓето со природата е намалена за 60 отсто во последните 200 години, што се гледа и преку исчезнувањето на зборови како река, мов или цвет од многу книги, покажува најново истражување.

Истражувањето што го спровел професорот Мајлс Ричардсон од Универзитетот во Дерби укажува дека луѓето се соочуваат со ризик од исчезнување на искуството во светот на природата доколку не се преземат нови мерки.

Компјутерските модели на предвидување покажуваат дека поврзаноста на луѓето со природата ќе продолжи да опаѓа ако не се воведат поинакви политики и промени во однесувањето, како што се изнесување на децата во природа и радикално збогатување со зеленило на урбаните средини.

Губење на поимите поврзани со природата

Во истражувањето, објавено во списанието „Ерт“, Ричардсон посочил и на губењето на поимите поврзани со природата од книгите во периодот од 1800 до 2020 година. Овој тренд достигнал врв во 1990 година, но сега се забележува извесна позитивна промена.

- Поврзаноста со природата сега е прифатена како клучна причина за еколошката криза - вели научникот, додавајќи дека таа врска е од витално значење и за нашето ментално здравје. Според него, неопходна е трансформација доколку сакаме промени во односот на општеството кон природата.

Како што нагласува Ричардсон, иако зголемувањето на зелените површини во градовите за 30 отсто изгледа како напредок, истражувањата покажуваат дека на еден град би му била потребна десет пати поголема површина под зеленило за да се преобрати трендот на слабеење на поврзаноста со природата.

Како што се наведува во заклучоците од истражувањето, поефикасни мерки се подигање на нивото на свест и престој на малите деца и семејствата во природа.

Истражувањето покажало дека жителите на британскиот град Шефилд во просек поминуваат само четири минути и 36 секунди дневно во природна средина.

Ричардсон вели дека од клучно значење е работата со родителите и децата, за да се насочат кон престој во природата.

Извор: b92.net
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот