X
 28.08.2026 Наша тема

„Децата не се пречка за патување, туку најубави сопатници“, вели Славица Савеска Кењереш, која со своето семејство беше на 9-месечно патување низ светот

Бевме на пат речиси девет месеци и мислам дека тоа беше време навистина посветено на семејството - за гушкање и карање, за уживање и секирање. Најголемата лекција што ја научивме е дека највредните работи не се материјални, туку моментите што ги споделуваме. Патувањата ни покажаа колку малку ни е потребно за да бидеме среќни и колку многу добиваме кога ќе си подариме време едни на други, вели Славица Савеска Кењереш, администраторка на профилот „Семејство на пат“

Славица Савеска Кењереш и нејзиното семејство ги ставија на пауза работните места, училиштето, градинката, нивниот вообичаен секојдневен живот и се впуштија во животна авантура. Заминаа на деветмесечно патување, а своите доживувања, гастро-искуства, интересни дестинации, музејски посети, локални тајни и знаменитости ги споделуваа на инстаграм-профилот „Семејство на пат“.



- Идејата за долго патување ја имавме неколку години и во повеќе наврати ја дискутиравме, но никогаш не бевме претерано сериозни околу неа. Беше како некаков сон, без посебна акција за да стане реалност. Инаку, ја користевме секоја можност да патуваме. Во текот на годината одевме барем по два пати на одмор во странство и барем по два пати во Скопје. Кога дојде короната и кога видовме дека тие патувања на кои бевме толку навикнати веќе не се можни, навистина ни беше тешко. Кога светот повторно се врати во нормала, првото за кое почнавме сериозно да разговараме беше да отпатуваме на подолг период, односно на повеќе месеци. И така, на крајот се направи планот за деветмесечно патување - ни споделува Славица.



По секое патување се враќаме како изменети личности

Инстаграм-профилот „Семејство на пат“ се родил спонтано, од желбата тоа што го доживуваат додека патуваат да биде достапно и за нив како еден вид дневник за сè што им се случува. Но подоцна профилот еволуира во место каде што споделуваат информации и инспирираат други семејства кои сакаат да патуваат.



- Една голема придобивка од профилот е што патувајќи, успеавме да дојдеме во контакт со многу други семејства. Како родители сме свесни дека времето неверојатно брзо поминува и децата ни растат побрзо отколку што сакаме. Токму затоа, откако станавме родители, ја користиме секоја можност за да отпатуваме. И баш кога сме надвор од секојдневието, гледаме како децата растат на еден посебен начин. Стануваат посвесни за себе и за светот околу нив, учат да бидат емпатични, дарежливи и отворени кон сè што е ново и непознато. Ние сфаќаме дека по секое патување се враќаме како изменети личности. И тоа важи за сите членови на семејството, а не само за децата. И ние возрасните гледаме како одредени неосновани мислења и предрасуди се рушат - раскажува Славица.



Семејството Кењереш веќе 14 години живее во Норвешка. Ќерките им се родени во Осло, но обожаваат кога се во Скопје, каде што е, во суштина, останатиот дел од семејството. Затоа решаваат патувањето да го започнат во Скопје.

- Потоа следуваа околу два месеци во Тајланд и по еден месец во Виетнам, Малезија, Индонезија и Филипини. Се вративме во Скопје на нова доза дружење со блиските, а целата авантура ја заокруживме со еден месец во Шпанија. Во секоја земја посетивме најмалку по три различни градови. Целта ни беше да не ја доживееме секоја земја само преку една дестинација, туку да ги запознаеме нејзините различности, култура, луѓе и начин на живот од повеќе агли. Верувавме дека токму така може најдобро да се почувствува вистинскиот дух на една земја - раскажува Славица.



Од вистинско пријателство до палави игри

Секое патување носи промени, како и нови лекции за себе и за општеството, дестинацијата, заедницата, културата...

- Секое патување носи радосни и стресни моменти, како што, впрочем, и во животот ни се случуваат убави и неубави работи. Тоа што сме далеку од дома, од сè што ни е познато и на што сме навикнати, од една страна, е возбудливо, но од друга страна, носи неизвесност и доза на страв од непознатото. Тоа, главно, ни беше и целта, сите ние како семејство да се ставиме во ситуации во кои никогаш претходно не сме биле и да видиме каде ќе нè одведат. Но токму во такви моменти најмногу се расте, се гради карактер, се челичи издржливоста, се станува похрабар и поснаодлив. Ете, накратко, тоа го научивме од нашето долго патување - дополнува Славица.



Нивното деветмесечно патување е полно со убави моменти, незаборавни спомени, пријатни и непријатни ситуации.

- Речиси е невозможно да се издвои само едно нешто од целото патување затоа што од секој град што го посетивме ни останаа многубројни спомени од кои секогаш ни доаѓа насмевка на лицето кога ќе си помислиме на нив. Од дарежливата девојка на штандот за овошје во Тајланд, која секогаш им подаваше екстра јаболко или банана на децата, преку преубавите средби со еден руски пар во Виетнам, со кој развивме вистинско пријателство, до палавите игри и скарата кај српско-швајцарскиот пар во Индонезија, со кои останавме во контакт. Премногу преубави спомени и моменти за вечно сеќавање. Благодарни сме за сите моменти што ги доживеавме заедно - споделува Славица.



Кога ја прашавме кое место најмногу ги изненадило, без двоумење го кажа Бали.

- Искрено, од Бали очекував место кое е туристички популарно и комерцијално, на некој начин расипано поради туризмот, но бев баш пријатно изненадена. Индонезија е земја со најголемо муслиманско население во светот, но на Бали мнозинството е хиндуистичко. Прекрасни храмови, бесконечни оризови полиња, превкусна храна. Како и секогаш, бевме сместени во „Ербиенби“, па одблизу ја видовме и доживеавме нивната религиозност, традиција и култура. Бали е дефинитивно место каде што би сакала повторно да се вратиме.

Не чекајте совршен момент за патување

Патувањето со деца многумина го сметаат за комплицирано. Славица ни раскажа и како успеваат да се организираат, што им било најголем предизвик и најнапорно во патувањето...

- Децата се деца секаде, без разлика дали е патување или седење дома. Се разбира дека кога си со деца на далечна дестинација, грижата е поголема за некои аспекти. Ние секогаш одбиравме места кои се безбедни и инфраструктурно поврзани и во ниту еден момент не се почувствувавме небезбедно, дури ни во сообраќајниот метеж во Азија, кој дефинитивно е едно друго ниво на хаос од она на кое сме навикнати во Европа. Инаку, патувањето само по себе, долгите летови и многукратните менувања на превозни средства ни се многу потешки нам, на возрасните, отколку на децата. Децата во еден момент ќе се изморат и ќе си отспијат. Инаку, без разлика колку било напорно, кога ќе стигневме на дестинацијата и кога ќе го видевме тој прекрасен нов свет кој првпат го доживуваме, веднаш се забораваше на уморот. На сите родители им препорачуваме да не чекаат совршен момент за патување затоа што ретко кога доаѓа. Децата не се пречка за патување, туку најубави сопатници. Секако дека патувањето со деца бара повеќе организација, трпение и флексибилност, но радоста да го гледате светот низ нивните очи е нешто што не може да се спореди со ништо друго - додава Славица.



Тие се одлучни повторно да има ваква авантура, но кога и каде, останува времето да покаже.

- Бевме на пат речиси девет месеци и мислам дека тие месеци навистина ни беа време посветено на семејството - за гушкање и карање, за уживање и секирање. Најголемата лекција што ја научивме е дека највредните работи не се материјални, туку моментите што ги споделуваме заедно. Патувањата ни покажаа колку малку ни е потребно за да бидеме среќни и колку многу добиваме кога ќе си подариме време едни на други. А нова мапа за патување сигурно ќе има. Само уште не знаеме каде ќе нè одведе следната авантура - вели Славица.

Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема