X
 28.10.2021 Наука

Можат ли лего-коцките да ги спасат сингапурските корални гребени?

Сингапурските гребени со децении се смалуваат, а на светско ниво во последните десет години исчезнале околу 14 отсто

На голем дел од коралните гребени низ светот им се заканува изумирање како последица од растот на температурите на морето и загадувањето, поради што научниците веќе долго се обидуваат да го запрат пропаѓањето на овој чувствителен подводен екосистем во кој живеат илјадници различни видови морски организми.

Експертите од сингапурскиот Национален универзитет се решиле за едно невообичаено решение - користење лего-коцки кои во контролирани услови во нивниот аквариум би требало да го спасат сингапурскиот корален гребен.

Сингапур е дом на една третина од светските корални гребени, што е голема количина за толку мала земја.

Мелиорацијата на земјиштата и крајбрежниот развој во последните децении ги исцрпија сингапурските корални гребени кои дејствуваат како природна заштита за брегот и се дом за илјадници разни морски организми, па научниците од Националниот универзитет со овој проблем решиле да се справат со помош на лего-коцки.

Сè уште не се знае дали лего-коцките можат да придонесат за закрепнување на коралните гребени, но научничката Јани Танзил, по повод критиките дека пластичните модуларни предмети можат да му наштетат на морскиот екосостaв, кој и онака се бори со голема количина пластичен отпад, одговара дека коцките што таа и нејзините колеги ги користат се направени на растителна база.

Тие планираат да ги приспособат обликот и големината и ако сакаат да работат со поголеми корали, едноставно ќе користат повеќе блокови коцки, односно повеќе такви модуларни предмети.

Методот на „вертикално одгледување“ во националната поморска лабораторија на островот Сент Џонс ќе помогне во заштедувањето простор.

- Вкупниот број корални видови во светот изнесува околу 800, а ние сме многу среќни што речиси една третина од видовите се сконцентрирани на мало подрачје околу јужните острови на Сингапур - истакна научничката.

Сингапурските корални гребени со децении се смалуваат, а на светско ниво во последните десет години исчезнале околу 14 отсто од коралните гребени.

Во првиот обид за користење лего-коцки за обнова на гребенот научниците ќе употребат „разлабавени“ делови од коралите од гребенот и со помош на посебно биолепило ќе ги постават на коцките. Тие мали делови со текот на времето би требало да пораснат во поголеми колонии.

Танзил истакна дека ги избрале лего-коцките затоа што се модуларни и затоа што може да ги приспособат во големина на корали.

Засега проектот се спроведува на ниво на експеримент, а научниците се надеваат дека еден ден ќе успеат да одгледаат доволно корали кои ќе ги „трансплантираат“ во сингапурските води.

Извор: Jutarnji
Насловна фотографија: Unsplash

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука