X
 28.11.2025 Наша тема

Проф. д-р Јасмина Петреска Станоева, најдобар научник во природно-математичките науки: „Хемијата е магична и плени со својата мистериозност“

На Светскиот ден на науката за мир и развој, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје традиционално ги додели наградите за најдобри научници на Универзитетот.

Добитник на наградата за најдобар научник во природно-математичките науки за 2024 година е проф. д-р Јасмина Петреска Станоева, редовен професор на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет. Наградата претставува признание за нејзините врвни резултати во научноистражувачката дејност и придонесот во афирмацијата на Универзитетот. Во текот на 2024 година проф. Петреска Станоева има објавено 11 научни труда во списанија со фактор на влијание, коавтор е на Хемиската терминологија, а учествувала и на 13 меѓународни конференции, од кои на една како гостин-предавач.

Во интервју за Факултети.мк Петреска Станоева открива на што се фокусираат нејзините истражувања и како нејзините трудови наоѓаат примена во практиката, притоа придонесувајќи за афирмација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Колку Ви значи оваа награда и колку труд е вложен во патот кон успехот?

- Наградата ми е многу драга, особено затоа што доаѓа од мојата матична институција, во која учев, се надградував и созреав како истражувач. Сега имам можност делумно да ѝ се оддолжам, придонесувајќи не само за мојата лична кариера, туку и за развојот на Универзитетот и пошироката заедница.

Сте биле најдобра студентка, најдобар млад истражувач, а сега и најдобар научник. Колкава е одговорноста на овој успех?

- Наградите не се целта кон која се стремам, туку доаѓаат како потврда за вложениот труд и љубовта што ја имам кон хемијата. Хемијата е магична и плени со својата мистериозност, таа не ти дава да застанеш или да се откажеш, решавајќи еден проблем, често се отвораат уште илјада други прашања. Затоа, на наградите гледам како на искра и дополнителен поттик да продолжам со истражувањата и да откривам нови тајни на хемијата.



Кое е Вашето поле на интерес, на што се фокусираат Вашите истражувања и каде најмногу се пронаоѓате, односно каде чувствувате дека најмногу можете да придонесете?

- Моите истражувања обединуваат принципи од хемиската анализа, хемијата на храна и природни производи, биохемијата, фармацијата, токсикологијата и науката за животната средина, преку развој и примена на напредни хроматографски методи и масена спектрометрија.
Моите трудови опфаќаат истражувања за идентификација и карактеризација на биолошки активни соединенија во растителни материјали и природни производи, контрола на квалитет и утврдување на автентичност на храна и пијалаци, како и мониторинг и процена на загадувачки органски соединенија во амбиентален и внатрешен воздух.
Мојот најголем придонес го гледам во презентирање на резултатите на пошироката јавност и подигнување на свеста за природните богатства што ги нуди нашата земја, преку проучување на растителниот биодиверзитет, но и подигнување на свеста и соочување со загадувањата на животната средина.

Колку научните трудови Ве афирмираа вас како истражувач, а исто така и УКИМ?

- Досега имам објавени 73 научни труда, од кои 67 се со фактор на влијание и индексирани во светските бази на податоци Web of Science и Scopus. Трудовите се цитирани над 1.400 пати (според Scopus), што значи дека се широко прифатени во научните кругови и затоа се голема афирмација и за мене како автор, но и за УКИМ како најголем и најстар Универзитет во Македонија. Вредно е да се напомене дека јас сум дел од Природно-математичкиот факултет, кој придонесува со околу 30 % во годишниот број на трудови објавени со афилијација на УКИМ.

Дали некој од Вашите научни трудови најде примена во практиката?

- Да, тоа е особено важно, трудовите не треба да имаат значење само во научен аспект, туку и да бидат применливи во секојдневниот живот. Со оглед на тоа што се занимавам со аналитичка хемија, многу од трудовите имаат врска со практични примени. На пример, развивме методи за земање проби и анализа на амбиентален и внатрешен воздух, со цел да се идентификуваат изворите на загадување во главниот град.

Вие сте коавтор на Хемиска терминологија, накратко што опфаќа овој речник?

- Хемиската терминологија може да се нарече „јазикот за хемичарите“. Како и во другите научни области, многу термини во хемијата потекнуваат од странски јазици. Заедно со моите колеги од Институтот за хемија се потрудивме голем дел од зборовите да ги унифицираме, преведеме и да ги направиме во духот на македонскиот јазик, со цел да се користат правилно на македонски јазик. Овој речник ќе биде од голема помош за сите што се занимаваат со хемија, но особено ќе помогне во правилна употреба на хемиските поими во наставно-образовниот и научниот процес.



Дали Македонија е погодна средина за истражувања и иновации?

- Македонија е мала земја, но богата со голем човечки потенцијал. Она што ни недостига како научници и истражувачи е систематска поддршка од Министерството за образование и понекогаш недостиг на млад кадар. Затоа што нашата работа бара многу експериментирање, а сето тоа чини и ресурси, и време, и човечки капацитети.

Преовладува чувството дека јавноста не ги познава доволно научните достигнувања на нашите професори, а ги има многу. Како да се промени тоа, како науката да стане подостапна за младите?

- Во последно време има напредок. Сѐ почесто сме гости во медиуми, а како ПМФ организираме и многу научни манифестации. Една таква ќе се случува на Институтот за хемија, наречена „Ноември месец на науката“, на која ученици од основните и средните училишта ќе изведуваат експерименти, но исто така ќе имаат можност да посетат Хемиски спектакл и различни предавања и работилници.

Каков е трендот на учество на жените во науката, особено во природните науки?

- Историски гледано, мажите доминирале во науката, што создало стереотипи дека „научник“ е машка фигура. Сепак, овие стереотипи постепено се менуваат. Жените можат да имаат клучна улога во научниот напредок, особено ако имаат еднакви можности за образование, работа и иновации. Во Македонија жените се еднакво застапени како и мажите и нема дискриминација, не сме помалку застапени или помалку успешни.



Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема