X
 22.05.2020 Образование

Оваа година нема наградување на најдобри студенти, промовирање на титули... Пандемијата го смени и чествувањето на св. Кирил и Методиј

Оваа година нема молебен, нема наградување на најдобрите студенти, нема промовирање на почесни звања и титули, нема свечена академија, нема концерти или други уметнички перформанси, рече ректорот Никола Јанкуловски

Во пресрет на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители и патронен празник на најголемиот Универзитет во Македонија, „Св. Кирил и Методиј“, пред споменикот на Кирил и Методиј на платото на универзитетскиот кампус за општествени науки во Скопје денеска свечено беше положено цвеќе. Делегацијата ја предводеа ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски и премиерот Оливер Спасовски. Во време на пандемија од Ковид-19, сите во делегацијата носеа маски, а на пригодните фотографии, членовите на делегацијата стојат на растојание од два метра. Воедно, УКИМ ја одбележа и 71-годишнината од основањето.



Делегацијата кај ректоратот на УКИМ

Јанкуловски истакна дека за жал, прв пат од своето постоење, УКИМ ја завршува тековната академска година на нетрадиционален начин, во вонредна и исклучително неизвесна состојба.

- Злото што со себе го донесе вирусот Ковид-19 донесе големи промени во животот и секојдневието во целиот свет. Како резултат на пандемијата, исто како насекаде во светот амфитеатрите, предавалните, аулите и лабораториите на УКИМ, веќе трет месец се празни. Нема студенти, нема џагор. Користејќи го своето огромно знаење и искуство, согласно сите расположливи човечки, материјални и техничко-технолошки ресурси, УКИМ за многу кратко време успешно се адаптираше на новонастанатата ситуација и продолжи со својата работа и во овие вонредно тешки услови. Веќе трет месец, наставата на факултетите на УКИМ се одржува онлајн со користење на повеќе платформи чиј избор е оставен на самите факултетите и на професорите – рече тој.


Затоа и чествувањето е поинакво. Наместо традиционалната програма богата со настани и учесници, Јанкуловски и Георги Божиновски, претставник на Универзитетското студентско собрание со свежо цвеќе им оддадоа почит на патроните.

Во делегацијата покрај премиерот Спасовски беа и министерот за образование и наука, Арбер Адеми и Зорица Апостолска, министер без ресор, Миле Бошњаковски, генерален секретар во кабинетот на претседаелот. Деканите и директорите на единиците на УКИМ се приклучија во чествувањето.

- Оваа година, чествувањето на патронатот е поинакво, нема молебен, нема наградување на најдобрите студенти, нема промовирање на почесни звања и титули, нема свечена академија, нема концерти или други уметнички перформанси... Ги откажавме и ќе продолжиме да ги одржуваме кога ќе се создадат безбедни услови за нивно одржување, безбедни за животот и здравјето на сите – рече Јанкуловски.

Тој одржа говор за браќата Кирил и Методиј кои имаат голема улога не само во православната македонска туку и во сесловенската историја, за да се потсетиме на нивното дело и духовно-просветителската мисија, на заветот и на традицијата која ја оставиле зад себе и која е длабоко вкоренета во образовната, научната и културната традиција на македонскиот народ.

Пред споменикот на св. Кирил и Методиј

- Како многу пати досега, повторно искрено ја признаваме нашата немоќ да ги пронајдеме вистинските зборови, вистинските јазични средства да ја изразиме нашата благодарност за делото на светите браќа Кирил и Методиј. Составувањето на првото словенско писмо и преводот на евангелските книги, епохалното дело на словенските сопокровители Кирил и Методиј имало религиозни мотиви, но успеало на наша среќа и радост да ги надмине и идеолошките и територијалните рамки и да влезе во светската културна ризница како сесловенско писмо. Кирил и Методиј се основоположници на словенската писменост и литература, заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Заради огромната важност на нивната мисија, денес тие се патрони на Европа – признание дадено од Ватикан за да се потенцира нивното значење за единството на европските народи. Светите браќа Кирил и Методиј од страна на Светата црква се прогласени за рамноапостолни поради нивните заслуги за афирмацијата на христијанската вера – изјави Јанкуловски.


Тој се заблагодари и на нивните следбеници, верните ученици Климент и Наум кои не само што продолжиле да ја негуваат и развиваат словенската писменост туку почнале да ја шират и да ја зацврстуваат низ целиот словенски свет. Тие успеале да ја зачуваат словенската духовна слобода и да создадат расадник од каде што се ширеше словенската писменост и култура. Охридската книжевна школа што ја создадоа Климент и Наум и од која излегоа 3.500 нивни ученици, стана најразвиено словенско културно средиште во 9. и 10. век, односно првиот словенски универзитет.

- Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје останува доследен на своите заложби во реализацијата на својата мисија, да го продолжи и зацврстува својот развоен од како универзитет посветен на негувањето и на интернационалната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ (македонскиот јазик, историјата, литературата и културата), но истовремено да ги негува и културните вредности на другите етнички заедници во Македонија – рече Јанкуловски.

Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование